Членови на едно семејство ги извршиле нападите врз трите цркви во индонезискиот град Сарабаја. Екстремистичката организација Исламска држава (ИД) ја презеде одговорноста за нападите.

Индонезиската полиција соопшти дека при нападите загинале најмалку 11 лица, а околу 40 се повредени.

– Мајката и две деца се разнеле во една црква, додека таткото и двајцата синови извршиле самоубиствени напади врз другите две цркви, посочи шефот на индонезиската полиција, Тито Карнавиан.

Тој објасни дека таткото активирал автомобил-бомба, двајцата синови користеле мотор при нападот, а мајката го спровела нападот со двете деца на возраст од 12 и девет години.

Првиот напад е изведен за време на миса во католичката црква Санта Марија, при што се убиени четири лица, вклучително и напаѓачот.

Неколку минути подоцна извршени се напади во црквите Дипонегоро и Пантекоста, при што загинале четири лица. Останатите жртви починале во болница.