Во Ерусалим денеска ќе биде отворена новата Амбасада на САД во Израел.

Дипломатската мисија, што досега беше во Тел Авив, е преместена во Еруслаим во согласност со одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае градот како главен град на Израел.

Се очекува на отворањето да присуствуваат околу 800 гости.

Трамп претходно неколку пати изјави дека би сакал да присуствува на настанот, но подоцна беше соопштено дека тој нема да замине во Еруслаим, а САД ќе бидат претставени од помошникот државен секретар Џон Саливан, придружуван од ќерката на претседателот Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, кој е советник во Белата куќа.

Американски владини претставници најавија дека на почетокот персоналот во дипломатската мисија ќе брои најмалку 50 лица. Тој ќе  вклучува соработници на амбасадорот Дејвид Фридман и на американските конзуларни службеници, кои веќе работат на теренот.

Отворањето на новата амбасада се случи шест месеци откако Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел.

Израелската Влада ја прифати одлуката со категорично одобрување, а Палестинците, кои сакаат источниот дел на Ерусалим да биде главен град на нивната идна држава, реагираа со негодување.

Генералното собрание на ОН гласаше со големо мнозинство за резолуција со која се критикува американскиот потег.

Покрај отворањето на Амбасадата, планирани се и многу други настани во наредните денови, вклучувајќи ја и прославата на 70-годишнина од создавањето на Израел.

Најавено е дека на присутните на церемонијата на отворањето на Амбасадата, преку видео врска ќе им се обрати Трамп.