Таткото на британскиот премиер Борис Џонсон – Стенли (81) доби француско државјанство, објави денеска Министерството за правда на Франција.
Како конзервативец, како и синот Борис, и противник на Брегзит во 2016 година, пред да се премисли следната година, Стенли Џонсон (инаку со мајка Французинка), поднел барање за француско државјанство во Францускиот конзулат во Лондон на 18 ноември 2021 година. Стенли Џонсон е роден во Англија на 18 август 1940 година.
Француското Министерство соопшти дека тој добил државјанство врз основа на неговото досие и дека државјанството се однесува на него лично, а не и на неговите потомци. Конзулот на Франција во Лондон лично ќе му врачи потврда за државјанството.