Нема да дозволам моето дете да биде статистика, ќе се борам да ја добијам целата документација, ќе најдам адвокат и ќе ја барам правдата до крај, вели за Сител, Борче, таткото на 22-годишниот Дарко Мицкоски, кој почина на 15 октомври на Инфективното одделение во Битола. Поради преголемата болка не собра сили да застане пред камерата, но го сподели сомнежот кој го имаат.

Семејството Мицкоски веќе доставило барање до болницата за да ја добие комплетната документација од лекувањето, поднеле барање до Државниот здравствен и санитарен инспекторат за извештајот од извршениот надзор, поднеле претставка до Народниот правобранител, како и пријава до Јавното обвинителство поради сомневање за лекарска грешка. Таткото вчера испратил и писмо до министерот за здравство и комисијата за извршување на инспекциски надзор.

Во писмото кое го испратил до министерот Филипче, Борче меѓу другото пишува:

– Сите лекари зборуваат по телевизиите дека пациентите доцна се јавуваат на лекар. Јас го носев моето дете од првиот момент кога дознав дека е позитивен, а чекав три дена за хоспитализација. Благодарам што е третиран со крвна плазма од прележан донор, меѓутоа сметам дека третиот ден од хоспитализацијата е предозиран од разни лекарства, кортикостероиди и други терапии кои вам ви се познати подобро од мене. Јас моето дете го хоспитализирав за да оздрави, а не да почине за три дена хоспитализација, заклучува таткото на починатиот Дарко.

Целата сторија може да ја погледнете на Сител.ком.мк