Вчера беа регистрирани нови 417 случаи на Ковид-19 од 2.964 тестирања или 14 отсто, вкупно пријавени десет починати и 329 оздравени пациенти. Во моментот во државата има 6.576 активни случаи. Во последните три месеци, 73 отсто од позитивните случаи на Ковид-19 не биле вакцинирани. Тој процент кај хоспитализираните е 75, а кај починатите 82, покажа анализата на Министерството за здравство.

Вкупниот број на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 201.708 од направени 1.378.530 тестирања. Оздравени се 188.024 пациенти, починати 7.108.

Во периодот од 6 август до завчера, на територија на државата се потврдени 45.621 граѓанин позитивни Ковид-19, од кои 12.375 лица или 27 отсто биле целосно вакцинирани. Според статистика за последните речиси три месеци, 33.246 граѓани, односно 73 отсто од позитивните на Ковид-19, не биле вакцинирани, се наведува во анализата на вакцинирани од позитивните случаи со Ковид-19, што вчера ја објави Министерството за здравство.

За вакцинирани, како што се посочува во соопштението, се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 75 отсто, додека само 25 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август до завчера, на територија на државата од Ковид-19 починале 1.592 пациенти. Од нив, 1310 пациенти или 82 отсто не биле вакцинирани, а само 18 отсто, односно 282 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас. Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, информираат од Министерството и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на САРС-КоВ-2.

Досега се ревакцинирани 46 отсто од полнолетните граѓани, а трета доза примиле 27.298 граѓани.

Во текот на завчерашниот ден аплицирани се вкупно 4.797 дози вакцини, од кои 734 се аплицирани како прва доза, 876 се ревакцинирани, а 3.187 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 28 октомври вкупно се вакцинирани 804.151 граѓани, ревакцинирани се 774.464 а трета доза примиле 27.298 граѓани.

Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.