Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, ги критикуваше континуираните напади на Израел врз Појасот Газа, нарекувајќи ги „сè повеќе неоправдани“, јави ДПА.

„Нападите на Хамас и другите вооружени групи против Израел, во кои загинаа 1.200 луѓе и беа земени над 200 заложници, се целосно неоправдани. Но, нивото на израелскиот одговор изгледа сè понеоправдано. Сведоци сме на уништување на човечки животи и имот во ужасни размери“, рече Тедрос во видео-обраќање пред Генералното собрание на ОН.

Според него, светот сега гледа како „се уништува цивилизацијата, системот заснован на правила и доверба меѓу земјите“.

„Оваа криза е сериозен тест за ОН и нивните земји-членки“, додаде Тедрос.

Тој нагласи дека ОН се создадени за да се зајакне мирот.

„Ако вие, земјите-членки на ОН, нема или не можете да го запрете овој масакр, тогаш мора да прашаме зошто воопшто постојат ОН“, истакна тој.

Фото: МИА архива