Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли бара состанок со советникот на американскиот претседател за национална безбедност, Џон Болтон, по изјавата дека САД не исклучуваат размена на територии, ако Белград и Приштина се договорат за тоа.
Оваа изјава, како што пишува српски Телеграф, ја вознемири Приштина, чии политичари, пред се Рамуш Харадинај и Хашим Тачи, не можат меѓусебно да се договорат што е прифатливо, а Харадинај го предупредува Тачи дека е можно само припојување на Прешевската долина кон Косово, но не и поделба на Косово.
Како што вели Пацоли, изјавата на Болтон, треба да се толкува „во контекст на одговорноста која треба да ја преземе Приштина на себе кон евроатлантскиот пат“. Но, не е прецизирано на што точно мисли Пацоли.
Во разговорот за Т7, Пацоли рече дека САД се „клучен и доживотен партнер“ на Косово и дека со Болтон ќе разговара за тоа како да ја зајакнат соработката.
Како што нагласи, Косово е во постојана координација и со американските и со европските сојузници, кои даваат поддршка на дијалогот.
Дека Албанците „ги уплаши“ изјаватана Болтон, како што пишува Телеграф, покажува и реакцијата на некои претставници на привремените институции на Косово, кои беа убедени дека имаат безусловна поддршка од Америка за независноста на Косово. Така градоначалникот на Јужна Митровица од Алијансата за иднина на Косово, Агим Бахтири, повика Собранието на Косово да одржи итна седница и да донесе одлука за забрана на преговорите во Брисел за прашањето за размена на територии.
– Ако Владата не ја блокира иницијативата за промена на границата, тогаш Косово во наредните месеци ризикува да дојде до големи потреси, кои силно ќе ги поддржам. Го повикувам Собранието на Косово да одржи итна седница и да донесе одлука за забрана на преговорите во Брисел по прашањето за територијална размена. Ако во Брисел се покрене прашањето за промена на границата и размена на територии, Митровица нема мирно да седи и да ја набљудува поделбата, предупреди Бахтири.
Политичкиот аналитичар Бранко Радун, вели дека има јасни знаци дека работите не одат онака како што Албанците очекувале, па такви реакции се и очекуваа.
– Администрацијата на Трамп сака некако да го заврши тоа прашање околу Балканот и подготвена е да прифати некои меѓусебни компромиси. Ова е прв пат ваква силна порака да стигне од врвот на американската администрација, вели Радун.