„ЕСМ Продажба“ објави повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат потребна количества на природен гас за производство на топлинска енергија за топланите „Исток“, „Запад“, „Енергетика“ и „Скопје Север“, како и за останатите потрошувачи на природен гас во државата, пред се поголемите производствени и услужни капацитети.
– Со оглед на тоа што на претходно распишаниот повик од АД ЕСМ имаше понуди кои не беа верификувани, а досегашниот испорачател „Промгас – Макпетрол“, со кој досега имавме договор не достави понуда, од страна на „ЕСМ Продажба“ е распишан нов повик, информираат од АД ЕСМ.
Како што нагласуваат, повикот ќе биде од отворен карактер и во однос на количините и во однос на времетраењето на испораката од страна на снабдувачите, за периодот 1 јануари до 30 април 2023 година.
„Макпетрол“ вчера соопшти дека од 1 јануари нема да увезува и да испорачува природен гас до своите потрошувачи.
Во соопштението испратено до јавноста, „Макпетрол“ посочи дека причина за ваквата ситуација се новите услови за работа кои ги предвидува, според нив, прерано потпишаниот договор за интерконекција меѓу државното претпријатие „ГА-МА“ АД и „Булгартрансгас“, со што не се применливи досегашните услови според кои компанијата увезува и испорачува природен гас до своите потрошувачи.