ЕСМ продажба соопшти дека потребите од природен гас за февруари за топланите, како и за другите стопански субјекти, ќе бидат покриени со договорот со бугарски Балкан јутилитис, која природниот гас ќе ни го продава по цена од 98,71 евро за мегават/час, а истата количина македонската компанија Макпетрол ја продава по 71 евро.

На тендерот биле поднесени две понуди – „Балкан јутилитис“ понудил 98,71 евра за мегават-час, а „Актаел“ 99,83 eвра за мегават-час.

Пресметките пак покажуваат, како и во јануари, дека ќе се потрошат повеќе пари од потребното. Во јануари таа бројка беше еден милион евра. Истото многу веројатно ќе се случи и со набавката за февруари, која вчера и официјално беше комплетирана.

Од „Макпетрол“, македонската компанија која одби да учествува на ваков тендер, информираат дека моменталната цена на природниот гас од „Макпетрол пром-гас“ е 71 евро за мегават-час за снабдување до мерната станица (ГМС) Жидилово, без пресметан транспорт до крајниот потрошувач, објави МКД.

Ова значи дека актуелната цена на „Макпетрол пром-гас“ е поевтина за 27,71 евра од понудената цена на „Балкан јутилитис“, пишува порталот.

Математиката покажува дека и за февруари разликата изнесува 1.706.936 евра при просечна потрошувачка од 2.000 мегават-часови, а при максимална потрошувачка од 3.500 мегават-часови, разликата ќе изнесува дури 2.715.580 евра.

Според движењата на берзата, велат од „Макпетрол“, оваа цена од 71 евро за мегават-час се очекува и да се намали.