Делегација предводена од гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Драган Тевдовски учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) во Индонезија.

Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и групацијата на Светската банка (СБ).

Во рамки на средбите, како што соопшти НБРМ, се закажани состаноци со извршниот директор на СБ, Френк Хемскирк, директорката за Југоисточна Европа на СБ, Линда ван Гелдер, потпретседателот на Светската банка, Сирил Мулер, извршниот директор на ММФ, Ентони де Ланој, директорот на Дирекцијата за Европа на ММФ, Пол Томсен, потпретседателите на ИФЦ, Џорџина Бејкер и Вибке Шломер, менаџерски тимови од инвестициски фондови и банки, како и со други високи претставници.

Годишните средби на ММФ и Светската банка се одржуваат секоја година. На средбите, на кои учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите членки, се дискутира за актуелните случувања во светската економија и на теми како намалувањето на сиромаштијата и потикнувањето на економскиот раст.