Во 2018 година во Македонија имавме највисок раст на платите во однос на годините наназад. Ако порано платите растеле со стапка од 1,5 отсто и 2 отсто годишно, во првите 10 месеци од 2018 просечната плата има раст од 5,7 отсто.

Ова, како што соопштува Министерството за финансии, го истакнува ресорниот министер Драган Тевдовски во интервју за Канал 5 телевизија, во кое додава дека клучни приоритети на Владата се растот на платите од една страна, а од друга – отворање на нови работни места.

-Во 2018 економијата се движеше напред и тоа пред се поради приватниот сектор. Платите растеа. Во првите десет месеци од 2018 растот на просечната плата е 5,7 отсто. Тоа е највисок раст ако споредите со многу години наназад. Платите во Македонија порано растеле со 1 и пол, 2 проценти, сега имаме неколкукратно повисок раст. Индустријата растеше со стапка од скоро 6 отсто изминатава година. Извозот има континуирано двоцифрена стапка на раст. Стапката на невработеност се намали, изнесува 20,8 проценти. Имаме околу 14 илјади новоотворени работни места. Сево ова покажува дека економијата се движи во вистинска насока, вели Тевдовски.

Тој посочува дека јавниот долг е стабилизиран. Ако на крајот од 2016 година тој изнесувал 48,8 отсто од БДП, на крајот од 2018 година тој е намален на 48,2 отсто.

-Од претходната Влада наследивме огромни обврски што ги сервисираме. На пример, во 2019 имаме долгови за враќање од повеќе од 10-тина милијарди денари, покрај буџетскиот дефицит кој поради постепената фискална консолидација го намалуваме и ќе изнесува околу 17 милијарди денари, вели министерот за финансии.

Тевдовски очекува годинава капиталните инвестиции да се реализираат со побрзо темпо. Како што посочува, главните проблеми кај проектите се разрешуваат, што особено се чувствувало во последниот квартал од 2018.

Тој вели дека нивото на капитални инвестиции е реално и разумно, а реализирањето на капиталните инвестиции, заедно со инвестициите од приватниот сектор ќе придонесат за раст на бруто инвестициите од 4,2 проценти.