Буџетот е ликвиден и сите плаќања се извршуваат навремено, а приходите во буџетот за првите пет месеци се зголемени за 6,6 отсто, изјави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.
-Нашиот буџет е ликвиден. Ние успеавме да ја стабилизираме целосно финансиската состојба. Значи исплаќаме се навремено, многу подобро од претходниот период. Не треба никој да стравува, сите плати и пензии и се друго што е издаток од буџетот во најбрзо време се исплаќа. Не би сакал да коментирам весели математики од опозицијата, бидејќи само во првите пет месеци од годинава растот на вкупните буџетски приходи е 6,6 проценти поголем во однос на истиот период минатата година, рече Тевдовски на новинарско прашање за обвинувањата од опозицијата дека УЈП собрала за осум отсто помалку средства од даноците до мај се собрани 25 милиони евра помалку средства.
Тевдовски заедно со гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска, денеска одржаа средба со новинари по повод претстојниот состанок на Конституенцата на СБ и ММФ што викендов че се одржи во Скопје.