Податоците за ова дело се наоѓаат во едно писмо на Тицијан упатено до принцот Филип, како и во воодушевувањето на Лудовико Долче, автор на еден дијалог за сликарството, напишан во слава на Тицијан.

Творештвото на Тицијан не опфаќа само низа на слики кои сами по себе се убави, како што тоа го истакнува Долче, писател со ренесансен, целосно натуралистички вкус, туку тоа е дело со драматична концепција, остварена со голема доследност.

Тицијан поседувал голема спосбност да ја прилагоди бојата на секој тоналитет, како и да ги постигне и најголемите нијанси.

Сето тоа му овозможувало да ги постави фигурите во отворен простор и да ги нагласи нивните спротивставени движења – нестрпливиот полет на младиот ловец и нежното движење на Венера, која се обидува да го задржи, претчувствувајќи непосредна трагедија.

„Кучињата се така верно насликани што ни се чини дека лаат и едвај чекаат да налетаат на некое животно“ (Долче).

Тицијан на Филип Втори му објаснил дека Венера ја претставил од грб за да се разликува од Данаја, чиј пандан требало да биде.

Оав дело се наоѓа во музејот Прадо во Мадрид.