Тинекс, еден од најпрепознатливите синџири супермаркети во Македонија, влегува во нова фаза на развој откако е преземен од компанијата Проекс Интернационал. Новиот сопственик најавува долгорочни инвестиции, модернизација на работењето и подобрување на понудата и услугите за потрошувачите.

Од компанијата соопштуваат дека Тинекс ќе го задржи своето име, бренд и локален идентитет. Приоритети ќе бидат конкурентните цени, редовното снабдување на продавниците, поширокиот асортиман и зајакнувањето на соработката со домашните производители и добавувачи.

Проекс Интернационал најавува и зајакнување на финансиската и оперативната стабилност на Тинекс, како и обновување на довербата со деловните партнери. Компанијата го препознава придонесот на семејството Тодоровиќ, кое го изгради брендот во изминатите повеќе од 30 години.

За нов главен извршен директор на Тинекс е назначен Лиридон Бериша, кој има 18 години искуство во малопродажбата, логистиката и маркетингот. Во развојот на компанијата ќе учествува и германскиот менаџер Хубертус Рик, со повеќе од 30 години меѓународно искуство во малопродажниот сектор.

Новиот сопственик најавува дека ќе инвестира и во развојот на вработените, подобрување на условите за работа и модернизација на супермаркетите, со цел зајакнување на конкурентноста на Тинекс на македонскиот пазар.