Васил Стерјовски, генерален секретар на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ) ќе биде пратеник во албанскиот Парламент.
-По известувањето од Централната изборна комисија на Албанија, Извршниот комитет на МАЕИ донесе одлука Стерјовски да го прифати пратеничкиот мандат и во парламентот да ја претставува програмата на Македонска алијанса за европска интеграција како дел од парламентарната опозиција,соопштија од партијата.
На последните парламентарни избори одржани во јуни 2017 година МАЕИ беше дел од изборната коалиција предводена од Социјалистичкото движење за интеграција. Тогаш лидер на партијата беше Илир Мета, актуелинот претседател на Албанија. Врз основа на договорот Васил Стерјовски беше петти на кандидатската листа за округот Корча.
Стерјовски, на првата седница на албанскиот законодавен дом, најверојатно следниот четврток, ќе седне во собранската сала и ќе даде заклетва.
Тој ќе биде првиот пратеник во албанскиот Парламент во плурална Албанија, кој доаѓа од македонска партија, но и воопшто како пратеник кој јавно се декларира како Македонец.
Васил Стерјовски е познат активист за правата на Македонија во Албанија. Запишан е на докторските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонија, на Институтот за национална историја на студиската програма на хуманистички науки, подпрограма Историја на Македонија, со потесна област на истражување Македонците во Албанија.