Студентските домови во Република Македонија наликуваат на руина, а фотографиите што ги објавуваат медиумите се доказ дека власта две години нема направено ништо, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.

– Заев и Каевски ветуваа студентски град, со модерни услови за престој, но две години после тоа нема ништо од најавеното. Студентските домови се во катастрофална состојба, а храната е слаба. СДСМ нема направено ништо за студентските домови. Две години власта потроши 7 милијарди евра буџет, а притоа не направи ништо за студентите. Каде отидоа 7 милијарди евра пари на граѓаните? Наместо да се купуваат фотељи од телешка кожа и пенкала со циркони власта може да инвестира во нови студентски домови, се вели во соопштението.

Наместо да се вработуваат синови и ќерки на функционери, се додава натаму во реакцијата, власта може да купи подобра храна за студентските мензи.

– Ниското ниво на реализација на капитални инвестиции на власта се должи и на безидејноста. Инвестициите во студентските домови запреа со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од власт. Две години студентите мака мачат да преживеат во домовите во Скопје, но и другите градови низ државата. Негрижата мора да запре. Младите очекуваат промени, се вели во соопштението.