Пишува: Блаже Миневски
За својата прва сопруга Пелагија Белоусова, Тито велел дека е мртва кога таа уште била жива, а за една друга своја жена никогаш не спомнал дека е жива. Станува збор за Анна Кониг или Елзе Луција Бауер, со која се запознале и се венчале во Москва, кога двајцата биле службеници на Коминтерната и живееле во московскиот хотел „Лукс“. Таа била Германка родена во Шемниц, во 1914-та година, што значи дека била 22 години помлада од Тито. Во Коминтерната до неодамна не беше најден ниту еден документ за Анна Кониг, ниту пак фотографија. Дури пред некоја година беше пронајден ексклузивен документ за венчавањето на Фридрих Валтер (Јосип Броз) со Луције Бауер (Анна Кониг), напишан на кирилица и на руски јазик. Така за првпат се дозна дека Анна Кониг е втора законска сопруга на Тито.
Во документацијата на Коминтерната се чува писмо на Тито до Анна од 1937-та година, во кое тој жали што „имала неволји со малиот“ (со Жарко), заблагодарувајќи се притоа што повторно го однела во дом. Истата таа жена, во Сталиновите чистки, кои насекаде откриваат непријатели и шпиони, Луције Бауер е уапсена како германски шпион и веднаш е стрелана. Во тоа време агентите на НКВД-е од Тито бараат да напише изјава за своите сопруги Пелагија Белоусова-Полка и за Анна Кониг. За Пелагија меѓудругото напишал дека е неморална личност која го мрази нивниот син Жарко и е виновна што тој е пропаднато дете и хулиган, а за Анна Кониг дека е многу наивна, иако ја советувал да нема никакви контакти со германските емигранти.
Страсна љубовна романса со Херта Хаас!
Според документите што досега се откриени, за разлика од Пелагија и Анна, Тито со Харта Хаас никогаш не склопил формална брачна врска, но нивната љубов траела полни четири години. Освен тоа, Херта го родила неговиот втор син (Александар) Мишо Броз. Врската траела од 1937-та до 1941-та година, а Херта била 22-години помлада од него. Родена е 1914-та година во Словенска Бистрица, во германско-словенечка семејство, односно татко и’ бил Германец, а мајка и’ Словенка.
Како почнала оваа љубовна приказна на Тито? Кон крајот на 1937-та и почетокот на 1938-та година, Тито заминува на дванаесетдневно патување во Австрија и во Чехословачка и, на тоа патување, во Виена се состанува со младата и убава курирка на Комунистичката партија, Херта Хаас. Во торбата со двојно дно, Херта ќе пренесува пасоши за борците што заминуваат како доброволци во граѓанската војна во Шпанија, но и техничка опрема.
Југословенските комунисти во тоа време имаат пункт во Виена, па таму Херта Хаас повеќепати се состанувала со Зденка Кидриќ. Оттогаш Тито всушност почнал бара доверливи услуги од својата убава курирка. Во средината на 1938-та година во ‘Шмиглова клет’ се одржува првата Конференција на Комунистичката партија на Словенија, а на состанокот присуствува и Херта Хаас. Делегатите спиеле во Камник, а Херта заминала во Целје, каде што се сместила во хотелот. Тито пристигнал подоцна за да и’ се придружи во хотелот.
Следниот ден се состанува Политбирото на КПЈ, а Ѓилас во паузата ќе му забележи на Тито што ја донел на состанот и Херта, бидејќи другите другари не биле известени дека можат да си ги доведат своите пријателки. Како и да е, оттогаш Херта постојано ќе биде во близина на Тито. Неколку дена заедно ќе престојуваат во Љубљана, каде што ќе се сретнат со Борис Крајгер, потоа ќе заминат во Загреб, каде што Херта има изнајмено гарсониера. Во своето љубовно гнездо ќе поминат неколку дена, пред да тргнат за Самобор, па за Камник. Според она што му го изјавила Херта Хаас на Лордан Зафрановиќ, кој подолго време подготвува филм за интимниот дел од животот на Тито, во една прилика Тито ја фотографирал, а таа носела дамски костум:
„Носев дамски костум а кога Стариот ме фотографираше лежев на неговиот спортски џакет што пред тоа веќе го имав послано на тревата“.
Како и да е, тоа лето Херта поминува назаборавни денови со Тито во Сплит, а во меѓувреме патува во Бјеловар и Самобор. Во октомври 1939-та година ќе го придружува до мостот на Рјечна, а неколку месеци подоцна ќе добие разгледница од него од Истанбул, каде што престојува кратко на враќање од Москва. Во Истанбул Херта му носи нов пасош со кој Тито се враќа во Југославија. Се враќаат со воз, но со возна карта за Џенова. Тито се симнал во Загреб. Всушност, Херта ќе го следи Тито насекаде и подоцна, и токму во најбурниот илегален живот ќе остане бремена. Следната пролет, токму кога Хитлер ја напаѓа Југославија, се раѓа синот Мишо, а само неколку дена пред тоа Политбирото на КПЈ одлучува Тито задолжително да се префрли во Белград.
Херта Хаас со малиот Мишо, кој има само неколку месеци, останува во Загреб. Војната се разгорува, контактите се прекинуваат и нивната љубовна врска завршува засекогаш. Дури по смртта на Даворјанка Пауновиќ -Зденка во 1946-та година, односно по смртта на жената која била со него низ воените години од 1941-та до 1944-та година, сега веќе славниот Тито пишува писмо до Херта долго шеснаесет страници во кое ја моли да му се врати. Според Миро Симчиќ, тоа писмо, за жал, го нема во документацијата на Дедијер. Од друга страна, одговорот на Херта Хаас бил краток, само пет реда, но одлучен и достоинствен:
„Драги мој, Херта Хаас пред маж клечи само еднаш“.
Подоцна се мажи официјално и со својот сопруг имаат уште две ќерки, но Тито секогаш го почитувала како татко на својот син Мишо. Според спомените на Ѓилас, Броз во првите повоени години се лутел на неа и погрдно ја нарекувал „проклета фолксдојчерка“, а Херта Хаас, по толку поминати години, пред десеттина години кратко изјави: ‘Не раздвои војната’.
Љубовна пресметка меѓу Херта Хаас и Даворјанка Пауновиќ – Зденка!
За време на Втората светска војна, Херта Хаас паѓа во раце на усташите и завршува во усташки затвор. Ја фатиле во куќата на Иван Крајачиќ-Стево, личноста која подоцна ќе игра многу значајна улога во опкружувањето на Тито. Особено големо влијание имал врз Јованка Броз, која ќе ја донесе во Белиот двор. Како била уапсена токму во куќата на советскиот шпион Крајачиќ, засега уште не се знае, но се знае дека Тито во тоа време во заробеништво имал неколку високи германски официри, кои бил подготвен да ги замени за Херта Хаас. Задачата ја извршил Милован Ѓилас, па Херта е префрлена во партизани, на слободна територија во Словенија. Во ноември 1943-та година Херта ќе дојде во Јајце, со бројна словенечка делегација, за да присуствува на Второто заседание на АВНОЈ.
Возбудена, веднаш ќе го побара Тито во куќата каде што престојува. Ѓилас бил сведок на таа нивна последна средба. Имено, Херта во куќата каде што престојувал Врховниот командант затекнала млада жена која во собата го средувала креветот. Маршал Тито во тој момент не бил таму, а Даворјанка Пауновиќ-Зденка очигледно знаела која е Херта. Ја дочекала со остри зборови: „Драга моја, во оваа соба нема место за две жени!“ Херта, бесна и понижена, истрчала од собата, и веднаш го побарала Тито, кој, со соработниците, работел на корекции на својот реферат за Второто заседание на АВНОЈ. Во тој момент се разбира не знаел што се случило во куќата, ниту можел да знае за невкусната провокација на Даворјанка Пауновиќ.
Сепак, Херта, возбудена и уплашена, пред сите го прашала Тито:
„Која е таа жена? Зарем јас не сум твоја законска сопруга?“
Тито затечен во многу незгодна ситуација пред соработниците, двосмислено и’ одговара:
„Па, договорете се!“
Според сведочењето на Милован Ѓилас, без оглед на присутните во салата, Херта остро му одговорила на својот невенчан сопруг: „Немам јас тука што да се договарам! Херта само еднаш клечи пред маж!“
Влегла во куќата каде што имала непријатна средба со Даворјанка, без збор си ги собрала работите што ги донела и се сместила во куќата каде што била словенечката делегација. По заседанието, без да се поздрави со Тито, со делегацијата се вратила во Словенија. Тоа било конечното разидување меѓу нив двајцата.
А која е Даворјанка Пауновиќ, жената поради која Херта Хаас со солзи во очите во ноември 1943-та го напушта Јајце?
Таа била 29-години помлада од Тито. Родена е во селото Кучево во 1921-та година, во семејството на Милан Пауновиќ и Бисерка Биса Пауновиќ. Нејзиниот татко се борел во Првата светска војна и бил носител на високото кралско одликување ‘Караѓорѓева ѕвезда’.
Веднаш по раѓањето на Даворјанка, семејството Пауновиќ се преселува во Пожаревац, каде што таа го завршува основното образование и гимназија. Во гимназијата се вклучува во работата на Комунистичката партија, па поради тоа за малку ќе била исклучена од гимназијата. По матурирањето ќе се запише на Белградскиот универзитет, на групата по француски јазик.
Како Даворјанка Пауновиќ успеала да влезе во најтесниот круг на Титови соработници?
Алексанадар Ранковиќ прв ги забележал нејзините способности за доверлива илегална работа. Била извонредно интелигентна, спретна и решителна, па веднаш по окупацијата на Југославија станала специјален курир на Политбирото на ЦК КПЈ. Одржувала врска меѓу Белград, Загреб и Љубљана, а со лажни документи се претставувала како Зденка Хорват, студентка на Загребскиот универзитет. Тито и Зденка се запознале во Загреб, каде што белградската партиска организација ја испратила на радиотелеграфски курс. Оние што ги познавале двајцата, велат дека Тито ја маѓепсал речиси триесет години помладата Даворјанка со природниот шарм и духовитост, но и со позицијата што ја заземал. Зденка ги ценела значајните и успешни луѓе, а сите знаеле дека Тито во догледно сигурно ќе стане значајна личност. Маријан Стилиновиќ, кој бил секретар на партиската ќелија при Врховниот штаб на партизанската војска, во една прилика одлучил на Тито да му каже како се однесува Зденка кон другите од неговата придружба и опкружување, а Тито, фатен во многу незгодна ситуација, буквално се фатил за глава и се обидел да се оправда со следниве зборови: „Знам, Маријане, срам ми е, но што можам кога без таа жена не можам да бидам ниту една минута!“
(Продолжува)