Пишува:  Блаже Миневски

Во октомври се навршуваат две години од смртта на Јованка Броз, која пред смртта, во една изјава за сараевскиот неделник „Слободна Босна“ изјавила дека доживотниот претседател на Југославија најмногу од се на светот сакал жени: „Тито сакаше жени повеќе од Сулејман Величествени!“ Дали тоа навистина било така?

Гласни љубовни воздишки

Во посета на Главниот штаб за време на некоја од офанзивите во Босна дошла некаква словенечка партизанска делегација, предводена од Лука Лескоушек. Делегацијата стигнала на договорениот состанок пред Шаторот на Врховниот командант во многу незгодно време. Словенците слушнале гласни љубовни воздишки и стенкање, па одлучиле да се вратат подоцна. Кога по извесно време дошле повторно, Тито добро расположен ги пречекал со зборовите: „Добро е што задоцнивте на состанокот, зашто и онака морав да завршам една многу важна работа!“ Подоцна, во ноември 1943-та година, Херта Хаас доаѓа во Јајце со бројна словенечка делегација на Второто заседание на АВНОЈ. Возбудена веднаш ќе го побара Тито, но во куќата каде што престојувал Врховниот командант затекнала млада жена која во собата го средувала креветот. Жаната ја пречекала со зборовите: „Драга моја, во оваа соба нема место за две жени!“

Херта, бесна и понижена, веднаш го побарала Тито, кој, со соработниците, работел на корекции на својот реферат за Второто заседание на АВНОЈ. Малку се смирила и пред сите го прашала Тито: „Која е таа жена?Зарем јас не сум твоја жена?“ Тито фатен во многу незгодна ситуација пред соработниците, успеал само двосмислено да и одговори: „Па, договорете се!“

Херта Хаас (Марибор 1914 – Белград 2010)

Во што била тајната на Титовиот успех кај жените?

Едноставно: „Беше неодолив“, воодушевено ќе воксликне пред Владимир Дедијер, најпознатиот биограф на Тито, загребската партиска функционерка Веда Загорац. Истата Веда Загорац, која била многу блиска со Броз, а тоа се знае што значи кога станува збор за него, мошне добро се сеќава на Тито од времето кога имал околу триесеттина години. Имено, шармот, елеквентноста и духовитоста биле неговото најсилно оружје, а неговиот физички изглед сосема се разликувал од сликата на типичниот груб комунистички активист од тоа време.

Дури и полицијата ретко кога се сомневала дека зад ликот на дотераниот претприемач и елегантно облечен странец, всушност се крие опасен комунистички револуционер. Титовата склоност кон убавиот пол, прекрасните дворци и раскошниот живот ги иритирале неговите комунистички истомисленици во татковината, но и во меѓународното комунистичко движење. Затоа, во една прилика, советскиот претседател Никита Хрушчов иронично го нарекол „последниот социјалистички султан“.

Сепак, Владимир Дедијер не се согласувал со мислењата  на Титовите критичари дека југословенскиот претседател бил женкар, иако во својата богата  архивска граѓа собрал обемен материјал со наслов ‘Титовите љубовни врски’, при што само за Јованка собрал неколку архивски кутии. Се разбира дека Јованка Броз не го интересирала само како Титова сопруга, односно, пред тоа, тајна љубовница, туку и како политичка личност која се обидувала да го наследи Тито. Како и да е, Дедијер собрал богат материјал за семејниот и љубовен живот на Тито, но веројатно поради личниот респект кон него ништо од тоа не објавил:

„Кога живееше со некоја од жените, секогаш беше верен“, тврди Дедијер во своите спомени за Тито.

Сведоштвото на Колишевски

За односот на Тито кон последната негова сопруга, како и за науспешните претходни бракови, мошне илустративно е сведоштвото на Лазар Колишевски, кој бил со претседателот при последната посета на Тито на Советскиот Сојуз и Кина во 1977 година. Во тоа време брачните односи на Брозови веќе неколку години биле многу лоши, па на тоа последно големо патување на Тито претходела долга кавга меѓу него и Јованка Броз. Затоа Тито додека пловеле со бродот по Бајкалското езеро се интересирал кај Колишевски како тече работата на партиската комисија која го истражувала тајното политичко делување на Јованка. Според сеќавањето на Колишевски, тој во таа прилика на тоа прашање не знаел ништо конкретно да му одговори, но знаел дека главниот проблем што ја мачело таа Комисијата било тоа зошто Јованка тајно земала документи од Кабинетот на Тито како и тоа на кого тие документи му ги предава.

Бидејќи Колишевски, како што вели, ништо конкретно не можел да му каже, Тито само издивнал велејќи дека „револуционерот никогаш не треба да се жени!“  Инаку, таа 1977 година, според сеќавањето на Колишевски, Тито веќе имал големи болки во ногата, а истовремено многу пател и поради острите недоразбирања и брачните проблеми што ги имал со Јованка. Иако Тито имал желба и таа да патува со него, Јованка  одбила да го придружува во посетата на СССР и Кина.

Всушност, го уценила да отстрани тројца луѓе од неговата придружба, па дури потоа таа би дошла со него. Факт е дека Тито не го прифатил тоа, па Јованка останала во резиденцијата на Дедиње. Кога во мај 1980-та година, веднаш по смртта на Тито, службено била запечатена неговата резиденција, службите одзеле голем број документи кои биле во собата на Јованка. Според словенечкиот новинар Миро Симчиќ, кој подолго време ги истражувал архивите поврзани со Тито и неговите жени, ниту една од неговите претходни жени и љубовници немала влијание во политичките и државничките одлуки што ги носел, како што имала Јованка.

Јованка Броз

За разлика од своите претходички, таа со години непосредно и грубо го притискала Тито кога станувало збор за клучни политички одлуки во државата; се мешала во кадровски решенија а зад неа стоеле моќни соработници кои знаеле вешто да манипулираат со ситуацијата. Иако Тито бил јака и решителна личност, сепак многу документи и изјави на луѓе од неговата околина упатуваат на тоа дека под притисок на Јованка Броз понекогаш носел одлуки кои биле против негова волја и убедување, а подоцна се покажале како судбоносни за Југославија удирајќи му се од главата. Сите вакви обвинувања Јованка Броз ги отфрли во книгата со нејзини сведоштва објавена непосредно пред нејзината  смрт.

Може ли заведувањето на тринаесетгодишната Пелагија да се смета за  педофилија?

Но, да се вратиме шеесет години наназад. Како убеден комунист, Тито бил истовремено и убеден интернационалист. Во тој контекст, бил интернационалист и кога ги бирал своите жени. Иако е роден Хрват, тој имал само една жена Хрватка во животот. Имено, за жал, светски познатата оперска пеачка Зинка Кунц, одлучно го одбила, иако во 1946-та година многу и’ годело флертувањето на славниот додворуваач. Значи, негова прва сопруга е Пелагија Белоусова – Полка, Русинка која го запознала како воен заробеник од Првата светска војна во Киргистан. Била уште дете кога се зеле. Подоцна заедно со вратиле во Југославија, но во 1928-та година, по Бомбашкиот процес, кога Јосип Броз завршил на долгогодишна робија поради илегално делување како комунист, Полка се вратила во Советскиот Сојуз со нивниот син Жарко и набрзо службено се развела од него.

Таа по неколку работи е исклучок меѓу жените на Тито. Имено, Полка е единствена која Тито ја избрал надвор до кругот на комунистичките илегалки и активистки. Постојано мислејќи на својот син Жарко, кој напуштен од својата мајка завршил во советските поправни домови, Тито во 1936-та година во Москва се жени за функционерката на Коминтерната, Германката  Анна Кониг. Таа врска траела само една година и завршила трагично: Анна кон крајот на 1937-та година биле осудена за шпионажа и стрелана по кратка постапка. Истата година во животот на Тито влегува друга Германка, додуша словенечка Германка, родена во Марибор. Станува збор за Херта Хаас, симпатична, образована и млада илегалка која со сета своја душа му била предана на Јосип Броз, генералниот секретар на КПЈ, главната личност во југословенското комунистичко движење.

Младата илегалка Херта Хаас, во Загреб, во најлошо време, поточно токму кога Хитлер ја напаѓа Југославија, значи во април 1941-та година, го раѓа нивниот син Мишо Броз. За жал, тоа е и крајот на нивната четиригодишна неофицијална брачна врска. Во тоа време во орбитата на Тито ненадејно влетува младата београдска илегалка Даворјанка Пауновиќ-Зденка, која ќе го придружува како негова воена жена до 1946-та година кога умира од туберкулоза во Голник, кај Крањ.

Дури потоа доаѓа Јованка Броз, млада и убава Србинка од Лика, мајор на ОЗНА, која во резиденцијата на Тито е ‘регрутитрана’ како домаќинка. Клучна личност за нејзиното влегување во најтесниот круг луѓе околу Тито во Белиот двор е Иван Крајачиќ – Стево, таинствена личност со големо влијание врз Јованка, а преку неа и  врз Тито. Тој како службеник на Коминтерната, и долгогодишен соработник на советските тајни служби, успеал во 1946-та година да ја истисне Херта Хаас, со која Тито веќе го имал својот петгодишен син Мишо, и наместо неа успешно да ја уфрли во игра Јованка Броз, која на почетокот понизно ги трпела грубите понижувања и шиканирања на својот 32 години постар сопруг.

Сепак, пред Јованка да стигне во креветот на Броз низ неговиот живот поминале многу жени, меѓу кои и четири кои биле негови јавни венчани или невенчани сопруги. Прва е Пелагија Белоусова. Кога во 1917-та година тој и Пелагија се запознале во близина на градот Омск, во Русија, тој имал 25 а таа само 13 години! Возрасен човек се жени со дете! Следната година склопиле црковен брак според православниот обред, а 1920 година, пред заминувањето на австро-унгарскиот заробеник Броз во татковината, бракот го регистрираат и судски во Омск. Според анкетниот лист што го пополнила на барање на советските власти во 1932-та година, значи откако се вратила назад во својата татковина, може да се види дека Пелагија Броз е родена 1904-та година во селото Михајловское крај Омск. Не се знае каде и како се запознале, а за тоа никогаш ништо немаат кажано ниту тој, ниту таа.

Тито, Пелагија и Жарко

На единствената јавно позната семејна фотографија на која се Јосип Броз, Полка и нивниот син Жарко, може да се види дека станува збор за многу убава жена со црна коса, која во Југославија со својот сопруг престојувала од 1921-та до 1929-та година.  До 1926-та година била домаќинка, а последните неколку години работела како работничка во една загребска фабрика. Не била образована, не посетувала никаква редовно образование, односно имала завршено само некаков курс. Документите и фотографиите од тоа време говорат дека Броз бил физички привлечен маж со европски манири кои ги истакнуваат сите жени со кои во тоа време имал контакти. Во 1929-та година Пелагија Броз се вратила во СССР очигледно со помош на партиската организација во Загреб и во соработка со советското дипломатско претставништво во Виена. Набрзо потоа се развела од Јосип Броз и се премажила за фотографот Рогуљев, со кого имала уште едно дете, ќерката Нина. Притоа, наводно, за  синот Жарко воопшто не се грижела.

Меѓутоа, факт е дека, поради контактите со Југославија, Пелагија во 1938-та година е интернирана во Сибир. Десет години подоцна, во 1948-та година се враќа во Москва, но повторно е интернирана затоа што била сопруга на одметнатиот Тито. Дури во 1957-та година е службено рехабилитирана, а умира во 1968-та година. Постојат документи дека Тито бил лут на тоа што таа го запоставила Жарко, па јавно изјавувал дека Пелагија умрела во 1944-та година. Никогаш не се интересирал за неа, иако подоцна имал можности да дознае каде е и што работи. Оние што ги познавале двајцата, не знаат дали Тито испратил венец кога умрела. Извесно е дека животот го однел по друг пат, а на тој пат се појавувале нови жени.

(Продолжува)