Зошто некои луѓе уште го сакаат Тито? Зошто за него зборуваат во сегашно време? Можеби затоа што велат дека ако масата прифати некого за свој  водач, тогаш тој со неа може да прави што сака. А Тито правел што сака.

Според спомените на  Гавро Дотлиќ, кој повеќе од 25 години бил во непосредна близина на водачот, Тито живеел како крал иако во јавноста се градела слика дека е скромен партизански командант што ја дели судбината на својот народ. Бившиот кралски џандар Дотлиќ со Тито се сретнал во 1941 година а потоа до крајот на Втората светска војна бил во баталјонот за обезбедување на Врховниот штаб. Веднаш по завршувањето на војната продолжил да работи во близина на Тито.

Домаќин во резиденцијата на Тито

Првите повоени години Гавро Дотлиќ бил управник на имотот, фармите, зоолошките градини и ергелите на маршалот, а подоцна бил назначен за помошник на директорот на Дирекцијата за репрезентација, со задача да  се грижи за материјално-финансиското работење на Титовата резиденција и на сите други репрезентативни објекти во државата. Во 1961 година, по наредба на Тито, Дотлиќ е префрлен во Ужичка 15 и поставен за домаќин на резиденцијата, преземајќи ја грижата за целокупниот имот на Тито, но и за функционирањето и работата на големиот персонал што му бил на располагање на „комунистичкиот крал“ на Југославија. Седум години подоцна, во 1968 година, кога наполнил педесет и шест години, Дотлиќ бил пензиониран и заминал од Дедиње, од резиденцијата на брачниот пар Броз во Белград. Како човек кој секојдневно бил во близина на Тито и Јованка, особено оние седум години како прв човек и шеф на персоналот во резиденцијата, запомнал многу настани и случки на кои сведоки присуствувал само тој. Затоа во своите сведоштва меѓудругото запишал дека Тито мошне сериозно мислел дека е крал на Југославија, а во врска со тоа многупати, особено непосредно по војната, самиот Дотлиќ имал слушнато како вели дека „се што му припаѓало на кралот, сега ми припаѓа мене“, присвојувајќи огромен кралски и буржоаски имот, куќи, дворци и резиденции низ Југославија. Додека бил домаќин на резиденцијата, Дотлиќ, – кој по војната останал сосема сам, семејството целосно му било ликвидирано од усташите – вршејќи ја ревносно својата работа, многупати не можел да разбере што се случува со голтарите што по војната почнале да се однесуваат како вистински буржуи живеејќи во раскош кој се држел подалеку од очите на јавноста. Оние што влегле во поскромни куќи во елитниот дел на Белград им љубомореле на оние што зафатиле поубави, пораскошни туѓи вили и имоти. Сметајќи дека народот еден ден сето тоа мора да го дознае, Дотлиќ тајно правел копии на документи од разни малверзации, набавки што се правеле за резиденцијата, но и за разните патувања, подароци, дневници, хонорари, случувања и настани на кои учествувала комунистичката елита на Југославија која немала усул, која крадела како ќе стигне и што ќе стигне. Благодарејќи на неговите документи сега може да се види во каков раскош живееле луѓето за кои обичниот народ, оној кој по војната гладувал а потоа одвај врзувал крај со крај, морал дури и да пее дека никогаш нема да скршне од  неговиот, односно нивниот пат.

Да не ме снајде Ранковиќ

„Одлуката да пишувам за развратот и финансиското злосторство што се случуваше околу Тито ја донесов уште кога бев управник на земјоделските стопанства, ловишта и другите имоти на Тито во Земун, Вршац, Чортановци, Динавка, Раковица, но и на Стариот и Белиот кралски двор на семејството Караѓорѓевиќ на Дедиње, кој сега беше  имот на Тито. Значи, гледајќи што се случува со овој имот, а слично беше и со ваквиот имот насекаде во Југославија, сфатив дека Тито не бира средства за својот раскошен живот, за стекнување на лично богатство. Како годините поминуваа така се трупаа и злоупотребите, па се прашував може ли и треба ли сето тоа да остане тајна за нашиот народ и историјата, знаејќи дека богатството што тој го имаше узурпирано всушност треба да е богатство на народот. Кога дојде денот на моето заминување во пензија во 1968 година, документацијата што ја собирав и копирав требаше да ја однесам дома. Тогаш ме обзеде чувство на страв, затоа што уште беше свежо сеќавањето на елиминацијата на Ранковиќ, кога на барање на Јованка беше до темел претресена неговата вила. Си мислев што ли би му се случило на еден обичен службеник, каков што бев јас, и на неговто семејство, ако ме фатат како ги изнесувам опасните документи за безобразната разузданост и алчност на Тито, Јованка и луѓето околу нив. А знаев дека ако не ги изнесам документите веднаш, никогаш веќе нема да имам шанса за тоа. Документите што ги имав селектирано, сепак, успеав да ги изнесам без последици. За нив долго не знаеше никој, дури ни моите најблиски. Не се  осмелив да објавам ништо од нив цели петнаесет години“, запишал Дотлиќ во своите спомени објавени заедно со збирката документи што ги изнел од резиденцијата на Тито на Дедиње. А во документите навистина има фрапантни докази за финансиските злосторства што ги правела комунистичката елита околу Тито. Притоа, секој што ќе ги види документите сигурно ќе се запраша зарем е можно сето тоа да се случувало во куќата на првиот комунист, на безгрешниот татко на нацијата, на саканиот другар и неговата другарка, но и во куќите на неговите соработници,  луѓето околу него, особено оние што биле под директна контрола  на аѓутантот на Тито, генералот Милан Жежељ.

(Продолжува)