Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ изјави дека институциите континуирано комуницираат со концесионерот на комплексот „Македонско село“ со цел објектот успешно да функционира и да не биде затворен.

Томовски истакна дека државата обезбедува логистичка и институционална поддршка, додавајќи дека комплексот веќе една година работи стабилно.

„Комуницираме постојано со концесионерот им стоиме и како логистика и како поддршка, целта ни е тој објект да функционира, да работи да не се затвори, да не пропаѓа тој објект, мислам дека функционира добро, овој период им е подобар за работа на ресторанските услуги, им треба мала помош за хотелските капацитети со кои располагаат, но ете година дена функционираат и се надевам дека уште долги години ќе функционира“, вели Томовски.

Томовски истакна дека за подобро искористување и развој на сместувачките капацитети во комплексот „Македонско село“ е потребна поголема поддршка и препорака од туристичките агенции и институциите.

„Овие не се хотелски капацитети, и не може да учествуваат на одредени јавни набавки како хотел, тие се водат како посебен вид на сместувачки капацитет, апартманско сместување, и заради таа причина им е потребна помош на концесионерите и од туристичките агенции во Македонија и од нас институциите да ги препорачуваме за да можат да го разработат подобро тој дел и да бидат они задоволни, а и да го испочитуваме договорот најмалку 15 години да не се затвори комплексот или да не бараме нов концесионер“, рече Томовски.

Во однос на пристапноста до комплексот, тој посочи дека до локацијата може да се стигне и со автобуски превоз на ЈСП. Според него, веќе се разговарало со ЈСП за почести автобуски линии кон дестинацијата. Томовски додаде дека голем број државни институции веќе организираат настани во комплексот и посочи дека странските посетители се воодушевени од локацијата и амбиентот.

„Има доста од државните институции кои што одат таму и организираат одредени настани и навистина странците кога ќе дојдат се воодушевени од местото“, истакна Томовски.