Никоуполос од Битола, една од неколкуте фирми за која беше обелоденето дека добиле тендер од АД ЕСМ за увоз на јаглен за потребите на РЕК Битола, е најуспешна по остварена добивка за 2023 помеѓу компаниите кои се регистрирале како нови во текот на истата година, објави економскиот портал Фактор.
Станува збор за компании кои не биле постари од една година пред да го пријават првиот профит.
Фирмата Никопоулос била формирана само два месеца пред објавување на тендерот. Но, тоа не било пречка да ја добие набавката на 160.000 тони јаглен вредна 11 милиони евра. Нејзин сопственик е Евангелос Никоуполос од Лерин. Директорка е битолчанката Ивана Алексовска. Јагленот се носел од Албанија и Грција.
Втора меѓу регистрираните фирми во 2023 годна со најголема добивка е Тотал Коп, компанијата за транспортни услуги на Панче Заев, таткото на поранешниот премиер Зоран Заев. Тотал Коп истовремено е меѓу најуспешните бизниси по остварена добивка воопшто во Струмица.
На третото место е аутсорсинг компанијата Олив Рекруит од секторот за „стручни, научни и технички дејности“. Во сопственост е на британската компанија „Олив Џобс“, специјализирана за унапредување на човечките ресурси и е дел од групацијата Catalyst Care Group која се состои од 10-тина брендови. На крајот на минатата година Олив Рекруит имала само 8 вработени.
Следува Премиум Логистик Сервис за копнен транспорт и складирање во Штип, со една подружница и во Радовиш, во сопственост на Ташко Штерјов и има 37 вработени.
Последна од Топ-5 лигата е Елмитут-Комерц за трговија на големо и на мало со моторни возила. Фирмата ги задржала речиси сите приходи во текот на 2023 како добивка, а бројот на вработени е непознат. Струмичката фирма е во сопственост на извесен Азат Шаин.
Извор: Фактор