Министерството за внатрешни работи до крајот на годинава ќе започне со констатирање на непрописното паркирање и запирање преку системот „Безбеден град“, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата, Тошковски посочи дека досега постоел технички проблем при автоматското препознавање на неправилно паркираните возила во услови на густи сообраќајни метежи, поради што системот не можел секогаш прецизно да направи разлика меѓу застој предизвикан од сообраќајна гужва и реален прекршок.

– До крајот на годинава ќе отпочнеме да ги констатираме погрешното паркирање и запирање со оние возила коишто ги имаме за детектирање на погрешно паркирање и запирање. И истите ќе бидат фокусирани, ги имам кажано и претходно ова многу пати, во насока на пред сè чистење на главните крстосници во главниот град и во останатите градови низ државата. Кога мислам на главни крстосници на движење, мислам на булеварите. Така да еве наредниве месец, месец и половина сигурен сум дека ќе отпочнеме со достава до оние коишто не ги почитуваат правилата во рамки на истиот систем кој веќе го имаме, значи преку СМС пораки – истакна Тошковски.

Тој појасни системот ќе се применува во периоди и услови кога може недвосмислено да се утврди дали станува збор за незаконско паркирање или запирање, со цел да се избегне неправедно санкционирање на возачи кои се затекнати во колона или застој предизвикан од сообраќајниот метеж.

Министерот на денешната прес-конференција посветена на проектот „Безбеден град“ се осврна и на автоматизираното процесирање на сообраќајните прекршоци без употреба на хартиена документација, како и за проширувањето на системот за наплата на казни за странски возачи и на граничниот премин Блаце.

Тошковски истакна дека една од главните цели при развојот на системот била прекршокот автоматски да се поврзе со постапката за негово процесирање и доставување до граѓаните.

– Нашата цел беше максимално автоматски да го поврземе констатирањето на прекршокот со неговото процесирање и сето тоа да биде без хартија, да биде доставено на СМС или на имејл адреса. Навистина ни е иновативен системов во споредба со многу системи што ги има во многу земји – појасни Тошковски.

Во однос на санкционирањето на странските државјани, министерот информира дека веќе се поставени привремени објекти пред граничниот премин Блаце преку кои ќе се реализира наплатата на сообраќајните казни.

– Да ги известам сите странци кои фреквентно го користат граничниот премин Блаце дека за многу брзо ќе започнеме со детектирање, известување и наплата на сите казни сторени од нивна страна. Веќе го имаме тоа на граничниот премин Табановце, а сега ќе функционира и на Блаце – истакна Тошковски.

Според него, странските возачи преку посебна апликација ќе можат да проверат дали сториле прекршок, со кое возило е евидентиран прекршокот и електронски да ги подмират своите обврски.

– На таа апликација ќе можат точно да видат со кое возило дали сториле прекршок, дали не сториле прекршок, ќе имаат можност да ги подмират обврските во однос на Министерството за внатрешни работи, во однос на државата. И тогаш нема да имаат проблем од аспект на задржување, чекање на граница. Така, апликацијата е функционална, истестирана, проверена, веќе се користи од страна на сите странски граѓани кои транзитираат низ граничниот премин Табановце – појасни министерот.

Тој упати апел до сите учесници во сообраќајот, домашни и странски, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, оценувајќи дека најдобар начин да се избегне плаќање казни е да не се прават прекршоци и да не се загрозуваат животите на останатите учесници во сообраќајот. (МИА)