Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 порача дека му било срам кога го прочитал соопштението на Судот по снимката на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков како излегува од луксузен автомобил во Монте Карло.

„По донесено решение од страна на судија, надлежното известување го доставиле до надлежното министерство, па сега кого замајуваат сега, македонскиот народ, македонските граѓани, кого го замајуваат? Решение за условен отпуст и решение за враќање пасош се знае кој носи, не носи ниту Обвинителство, нити МВР, ниту министерство за култура, ниту вие како новинар. Јас не знам како не му беше срам на тој што го напишал тоа соопштение… да напише нормално да донесено е решение за враќање, да пасошот е доставен до МВР за да му биде вратен на предметното лице“, вели Тошковски.

Како што додава, во овој случај тие биле само поштари.

Што се однесува до можноста и сега незаконски да се прислушува, Тпковски вели дека овој систем денес е поразличен од тој претходно.

„И така како што е поставен, навистина ценам дека се сведени на минимум можностите за злоупотреба на истиот. Секогаш е возможно од нешто кое што е ставено во функција како што треба, да биде злоупотребено. Оној кој што ќе каже дека не е возможно, или се лаже себеси или ги лаже другите“, вели Тошковски.