Товарен брод бил погоден од „непознат проектил“ во Ормуската Теснина, во близина на брегот на Оман, соопшти синоќа Центарот за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (UKMTO).
Според UKMTO, инцидентот се случил на околу 20 наутички милји (37 километри) североисточно од оманскиот град Хасаб. Засега не се објавени информации за евентуална материјална штета или повредени, а надлежните служби спроведуваат истрага.
Иран претходно побара бродовите што минуваат низ Ормуската Теснина да ја користат рутата долж неговото крајбрежје и во повеќе наврати соопшти дека само поморскиот коридор определен од Техеран е безбеден.
Спорот околу пловидбата низ стратешки важната поморска теснина, која е клучен транзитен коридор за глобалниот транспорт на нафта, природен гас и ѓубрива, прерасна во една од главните точки на тензии во ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран.




