Министрите за внатрешни работи и правосудство на земјите членки на Европската Унија денеска ќе одржат вонреден состанок преку видеоконференција за да разговараат за масовниот влез на мигранти во шпанската ексклава Сеута.

Ирска, која моментално претседава со Советот на ЕУ, соопшти дека го свикала состанокот на Советот на ЕУ за правосудство и внатрешни работи, а со состанокот ќе претседава ирскиот министер за правда, внатрешни работи и миграција, Џим О’Калахан.

Дваесет и две членки на ЕУ упатија писмо во кое бараат координирана акција за заштита на надворешните граници и други мерки по инцидентот во Сеута.

Италија, поради мигрантската криза, привремено го суспендираше режимот на патување без пасошки контроли во рамките на Шенген со Шпанија на период од еден месец. Италијанската влада, сепак, соопшти дека таа мерка нема да влијае врз шпанските и другите граѓани на ЕУ кои патуваат во Италија, туку ќе опфати целни контроли врз државјани на земји надвор од ЕУ кои пристигнуваат од Шпанија со авион или брод.

Шенгенскиот простор овозможува патување без гранични контроли меѓу 29 европски земји, но членките можат привремено да воведат контроли на границите од безбедносни причини или заштита на јавниот ред. Италија, која нема копнена граница со Шпанија, исто така соопшти дека се договорила со Франција за зајакнување на контролата долж француско-италијанската граница со цел да се спречи преминувањето на мигранти без документи.

Шпанија има полиберален пристап кон мигрантската политика во однос на повеќето други членки на ЕУ и покрена програма со која дозволи за престој би можеле да добијат повеќе од 500.000 мигранти без регулиран статус. Шпанските власти ги отфрлија тврдењата дека таа програма го поттикнала масовното пристигнување во Сеута, наведувајќи дека лицата кои илегално влегле во енклавата не можат да го продолжат патот кон копнениот дел на Шпанија ниту кон другите земји од шенгенскиот простор.