Со тивка песна и громогласни три истрели во подножејот на Бистра овој викенд ќе се најави традицијата на мијачките свадби.
И оваа година во Галичник средиштето на мијачијата така ќе се означи почетокот на уште едно издание на културно-туристичката манифестација „Галичка свадба“ . Акцентот ќе падне на љубовта која ќе биде мотив за сватовите да заиграат на ритамот од старата, повеќевековна свадбарска езгија.
На 46-тото издание во центарот на вниманието ќе бидат зетот Огнен Караѓозовски и Марина Петровска. Токму на оваа двојка од уште две други, Советот на месна заедница Галичник први им рекоа: Нека ви е со среќа.
Марина и Огнен на годинешната Галичка свадба, ДА ќе речат, узда ќе стават, леб ќе замесат и коњ ќе јавнат.
За годинешните младенци се знае дека нивната љубов започнала кога заедно работеле во хотелиерство и сега живеат во Скопје. Марина има потекло од Крива Паланка, но одамна е преселена, а Огнен има потекло од едно големо галичко семејство. Тој во повеќе наврати бил вклучен во органзиацијата на претходните свадби и учествувал како статист.
Над 200 луѓе за посилен впечаток
За одржувањето на оваа манифестација која е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците веќе се направени сите подготовки. Свадбарските обичаи ќе започнат со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да“ младенците ќе го кажат в недела, 14 јули, во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“. Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови (сабота од 19:30 и во недела од 8:30 часот.
На манифестацијата ќе бидат ангажирани стотина статисти облечени во автентични галички носии. За изведување на традционалните ора и игри ќе бидат задолжени триесетина членови на КУД „Фолклорни бисери“. Предвидена е и коњица со коњаници, луѓе кои ќе бидат техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе. За време на викендот, во Галичник ќе биде воспоставен и специјален сообраќаен режим, за полесно следење на фестивалот.
Новината која минатата година се покажа како исклучително атрактивна, годинава ќе биде унапредена. Од месната заедница ќе овозможат лајв-стрим од целиот настан. Прогрмата од околу 12 часови, освен на голем лед екран поставен на платото, ќе може да се следи и преку интернет и други телевизиски платформи.
Традиционалната културно-сценска манифестација Галичка свадба годинава се одржува три дена од 12 до 14 јули, а покровител на годинешната Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски кој по татко е галичанец.
Традиционалните обичаи станаа атракција
За време на манифестацијата, посетителите можат да проследат автентични свадбарски обичаи и ритуали проследени со изворни свадбарски песни карактеристични за овој крај од Македонија и за мијаците.
Традиционално, почетокот на свадбата се означува во сабота со китењето на свадбарскикот бајрак со горско цвеќе и симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот (вила „Доста“). За ова време се пее стара песна со овие стихови:
„Стани моме да би не станало
по ридови с’лнце огреало.
По чардаци крстати бајраци,
по дворови китени сватови
по прикледи шарени ковчези
а пред кледи млада зетелина
и во кледи свршена девојка!“
Од другиот крај на селото треба да грмнат тапаните и ѕурлите, а мајката на зетот ги дочекува семејството и роднините со домашен леб и со ќуп во рацете, по што го поведува „Свекрвиното оро“.
Една од највпечатливите слики и е посебна атракција е поврзана со обичајот за симболичното терањето на демоните што би можеле да ја следат младата двојка. Зетот, кумот и други пријатели носат запалени факели до куќата на младата. Свитата со факелите го осветлува патот до трите чешми, каде младата за последен пат како немажена ги полни бокалите со вода.
Утредента се изведува еден оригинален обичај „канење на мртвите“. Токму за овој обичај еден од најпознатите македонски литерати Петре М. Андреески ќе запише…Животот никогаш не смее да биде слава само на живите, зашто и мртвите некогаш биле живи, зашто и живите еднаш ќе бидат мртви и голем грев е нивната врска да се прекине.
Од гробиштата, се оди до куќата на кумот од кого младенецот бара благослов. Највпечатлив обичај е бричењето на зетот што означува негова трансформација од момче во човек. Потоа следува потстрижување. Во неговата потстрижена коса се става дукат, како симбол на богатство и потомство.
По овие обичаи следува одењето до куќата на младата. Таа облечена во традиционална галичка носија, го дочекува младенецот на балконот од нејзината куќа. Тогаш таа изговара, гледајќи низ прстенот: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам“.
Качена на коњ младата заминува во куќата на нејзиниот иден маж. Свекрвата со сито,погача и бокал со вино ја дочекува невестата, која слегува од коњ и по прострената литовина влегува дома. По венчавањето во црквата „Св.Петар и Павле“, невестата се носи на вода на чешмата „Упија”, потоа се изведува невестинското оро, ги дарува најблиските, се крши „шутката” и по завршувањето на свадбарските обичаи тапаните и зурлите ги испраќаат најблиските роднини.
Особено впечатлив белег на целата манифестација претставуваат колоритните носии на сите учесници во свадбената свеченост. Учесниците го имаат само тој услов, да бидат облечени во автентична галичка носија за учество во „Галичка свадба“.
Посебна атракција е и невестинската носија која сама по себе е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и филигранскиот накит со уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми.
„Галичка свадба“ меѓу деветте фестивали во Европа кои мора да се видат
Со ваков наслов влијателниот „Њујорк тајмс“ минатата годинава ја препорача Галичката свадба. Кадри од овој анстан можат да се видат на многу телевизиски канали. Токму заради значењето и оригиналност напишани се многу текстови, објавени фотографии во светски магазини, видео записи, специјални емисии. На свадбата постојано доаѓаат странски дипломати, државници и познати личности. Така ќе биде и годинава и според најавите, ќе има и многу туристи од странство и новински екипи.
Интересот за годинешното издание на свадбата е големо, а тоа го потврдува и податокот што сместувачките капацитети во мавровскиот регион се полни и речиси да нема слободен кревет за претстојниот викенд.
На тоа се должи и програмата која ќе биде во неформалниот дел и ќе биде во функција да ги анимира посетителите. Членови на македонската филхармонија, здружението на џез музичари и дирегентот Емин Џијан денеска ќе приредат концерт на платото, а во утре вечер ќе настапат и „Бенд Оф“.
Печалбарството како судбина
Галичката свадба и нејзиното одржувањето е инспирирана од желбата на галичани да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците. Традиционалисти по природа, тие со векови биле поврзани со православниот празник „Петровден”. Токму на овој празник се случувало и повеќе десетици двојки да се венчаат во ист ден. Причината за одржување на толку венчавки во кус период е во доаѓањето на мажите од печалба. Неретко се случувало, мажите да направат свадба и кусо време да напуштат своите сакани. Овој период се користел и за свршувачки, по што отпочнувале подготовките за свадба.
Одговорот на прашањето како почнале петровденските свадби во Галичник можеби е најточен токму во стиховите на една песна која галичани често ја пеат.
Нарочува бело Менде, порочува:
„Како знојеш, аџи Павле да си дојеш“.
Да си доеш, аџи Павле пред Петровден,
пред Петровден, аџи Павле, две недели.
Ако не доеш, аџи Павле, пред Петровден,
ќа го најеш бело Менде оможено.
Овие стихови воведуваат во традицијата на заедница која со векови опстојувала во планинските предели на западот од Македонија. Самата свадба и обичаите биле предмет на многу истражувања, како култоролошки така и етнолошки и отсликува еден дел од животот на мијаците.
Над половина век традиција
Манифестацијата „Галичка свадба“ има традиција од 56 години, поточно првата се одржала во 1963 година. По одржаните две, има прекин сé до 1973 година од кога се одржува редовно. Во 2001 година за време на вооружениот конфликт, пред чешмата „Упија“ е изгирано само „тешкото“ заради актуелната состојба во земјата.
Во разговор со хроничарот Киро Кипровски (галичанец по потекло) се навраќаме повеќе од половина век наназад до покренувањето на иницијативата за ваква манифестација. Впрочем во неговото капитално дело „Галичник за секогаш“ тој издвојува поголем дел токму за свдбата. Тој е едниствениот новинар што ги забележал сите изданија на „галичката свадба“ и добро ги памети почетоците.
– Оваа идеја почнува во време кога иселувањето зело драматични размери. Тогаш, група галичани фанатично вљубени во родното место се организираат за го вратат духот и животот. Во 1962 година беше формиран иницијативен одбор, кој осмислува туристичка културна манифестација која ги негува и на јавноста да ѝ ги презентира изворните народни песни, ора, свадбарските обичаи и ритуали и рачно работената носија. Со еден збор, сé што е вредно, автентично да им се пренесе на младите генерации, вели Кипровски.
Како дел од традицијата, Кипровски го наведува и еден детаљ што бил посебно атрактивен меѓу младите галичани за петровденското празнување. Меѓусебе правеле трки со коњи низ селото, а победникот го земал „мушчулукот“ од семејстото на момчето кое ќе решело да се жени. Особено биле масовни и прославите на „Св Петка“ и “Преображение“ кои се случувале надвор од селото во месноста стара црква.
Свадбата го спаси митскиот Галичник од заборав
Одржувањето на првата свадба ќе биде забалежано од тогашните медиуми. Еден од насловите по одржаната „свадба“ гласи „Спектакуларни ритуали“, бидејќи тогаш биле изведени оригиналните обичаи што се правеле отсекогаш, а на поголемата јавност не и биле познати.
Во аналите на хроничарите стои дека на првата свадба имало над 4.000 гости кои одблизу ги виделе свадбарските обичаи на мијаците. На второто издание дошле многу помалку, со оглед дека на 12 јули 1964 година, времето не било наклонето и врнел пороен дожд. Малата посетеност била условена и од лошиот пат низ Бистра. Од тие причини, нагласува Кипровски, организаторот решил да прави пауза во одржувањето на манифестацијата сé додека не се асфалтира патот Маврово – Галичник.
По пауза од десет години, во 1973 година откако асфалтот стигнал до селото „Галичка свадба” е обновена.
Заради иделошките разлики и влијанието тогашните власти, венчавки не се одржувале, па така галичкиот „зет“ и невеста“ биле само статисти.
Вистинска свадба со венчавка се одржува по прв пат во 1991 година. На 21-то издание на „Галичка свадба”, тогашниот повардарски митрополит г. Михаил ги венча Антонио Пендаровски и Весна Мицевска во црквата „Св. Петар и Павле”.
Иако некогаш моќно село со над 700 куќи, кино, водовод, жителите по Втората светска војна го напуштаат. На тоа влијаат условите за живот и национализрањето на имотот. Селото било пред колапс на прагот до нвото време.
– Токму асфалтниот пат и струјата ја означија новата ера за Галичник. Ако не се преземеше нешто, Галичник ќе потонеше во амбисот. Еве сега преку викенди има луѓе, доаѓаат и туристи. Живее селото, и преку зима и лете, вели Кипровски кој и самиот ги користи приликите да дојде на дедовото огниште.
Таму ќе биде и оваа година со фотографскиот апарат, ќе лови кадри, ќе се забавува со роднините. Очекува убав викенд исполент со празнична атмосфера и на младенците ќе им посака: Да се ќердосаат!
МИА