Жителите на Пијанечкиот регион започнаа со подготовки за празникот Прочка.

Според делчевецот Спаско Спасев, според Пијанечките обичаи, од денеска до недела помладите ги посетуваат барајќи прошка за она што им згрешиле во изминатата година.

-Според традицијата така останало од стари, помладите одат на гости кај постарите велејки „Проштевајте“, а постарите велат „Простено нека е и од мене и од Бога“. Потоа се служи пригодна вечера по тој повод која се состои од баница, кисело млеко, задолжително јајца, топла ракија и друго, вели Спасев.

Освен ваквиот начин на одбележување на Прочка, како што додава Спасев, во поголем дел од селата во Пијанец се пали и смреков оган.

-За Прочка се палат купови, се пали смрека, момчињата фрлат гламни со смрека и велат: „На ти дедо гламната, да ми дадеш момата“, додека девојките велат „На ти дедо клопчето, да ми дадеш момчето“. Потоа се скока купот од запалена смрека за здравје и се служи топла ракија и греано вино. Се останува на местото каде е запалена смреката додека догори купот, кој на некои места се вика „стреловиште”, додава Спасев.

По овој празник, како и на сите места во Македонија, така и во Пијанец верниците од христијанска вероисповед ги започнуваат Велигденските пости. За време на тој период делчевските свештеници ги посетуваат куќите на граѓаните, вршејки водосвет во нивните домови.