Две деца загинаа во пожарот што се случил попладнево во скопската населба Шуто Оризари, братче и сестричка кои спиеле.

Како што објави ТВ Телма, загинале момче и девојче на возраст од три години и година и пол. Според информациите од противпожарната единица децата биле во куќата во моментот кога покривот се урнал врз нив, и најверојатно се угушиле.

Неуспешни биле обидите на пожарникарите да ги извлечат од под урнатините и изгорениот материјал, бидејќи децата веќе биле починати, а се претпоставува дека уште во моментот кога била повикана пожарната тие биле мртви.

Како што се наведува во информацијата, се работело за импровизирана куќарка која се наоѓа на улицата „Брсјачка буна“ спроти спортското игралиште. Пожарот бил пријавен во 13.25 часот, а во околината имало уште неколку залепени куќарки на кои е спречено пожарот да се прошири.

Интервенирале 15-мина пожарникари со неколку возила.