Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира до Конгресот да достави на одобрување договор со Саудиска Арабија за споделување нуклеарна технологија, за кој американски медиуми посочуваат дека не содржи заштитни мерки за спречување на нејзина употреба во програми за развој на нуклеарно оружје.
Станува збор за документ познат како Договор по членот 123 од американскиот Закон за атомска енергија, што минатата година го потпишаа американскиот министер за енергетика, Крис Рајт и саудискиот министер за енергетика, Абдулазиз бин Салман.
Договорите базирани врз членот 123 овозможуваат соработка на САД со други држави во областа на нуклеарната енергија, вклучително преку пренос на технологија и нуклеарни материјали.
Извори запознаени со договорот посочуваат дека документот не го вклучува таканаречениот „златен стандард“, што би и забранил на Саудиска Арабија збогатување ураниум и преработка на искористено нуклеарно гориво – активности што потенцијално би можеле да бидат искористени за развој на нуклеарно оружје.
Саудиска Арабија со години настојува да развие цивилна нуклеарна програма, додека Вашингтон претходно бараше гаранции од Ријад дека нуклеарната технологија нема да биде искористена за воени цели.




