Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека денеска ќе се сретне со американскиот свештеник Ендрју Брансон, ослободен вчера од турскиот суд и му се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за соработката за негово ослободување.
– Ослободувањето на Брансон ќе доведе до „добри, можеби и прекрасни“ американско-турски односи, напиша Трамп и повтори дека нема договор за укинување на санкциите против Турција и покрај ослободувањето на свештеникот.
Турски суд вчера донесе одлука да го осуди на тригодишна затворска казна американскиот пастор Ендрју Брансон, но судијата ги укина сите судски контроли – вклучувајќи ја и забраната за патување – што му овозможи веднаш да ја напушти Турција. Нему казната му е намалена поради добро однесување, а и со оглед на тоа дека веќе отслужил две години од казната, сметајќи го времето во притвор.
Весникот „Вашингтон тајмс“ објави дека Вашингтон и Анкара постигнале договор за ослободување на американскиот пастор Ендрју Брансон, кој е обвинет за тероризам во Турција, во замена за укинување на американските санкции кон Анкара.
За Турција, уапсениот американски свештеник е шпион кој се обидел да ја собори Владата за време на обидот за државен удар од 2016 година. Но, за американските официјални лица, Брaнсон е невин христијански семеен човек, кој е погрешно задржан.
Брансон (50) е роден во Северна Каролина и евангелистички презвитериjански свештеник кој работел во Измир, каде што бил пастoр во црквата Воскресение. Тој живее во Турција повеќе од 23 години, со сопругата и трите деца.
Во октомври 2016 година, неколку месеци по неуспешниот обид за државен удар во Турција, Брансон беше уапсен и обвинет за заговор за соборување на турската влада. Во март беше формално обвинет за шпионажа и врски со терористички организации. Обвиненијата против Брансон вклучуваа поддршка на забранетата Курдистанска работничка партија, како и Движењето на Ѓулен, за кое Турција вели дека го организирал обидот за државен удар. Тој ги негираше обвинувањата.
Брансон беше главна причина за дипломатскиот спор меѓу САД и Турција, поради што САД воведоа санкции и замрзнаа имот на двајца турски министри, но и зголеми царини за увоз на челик и алуминиум од Турција. Турција одговори со воведување двојно повисоки царини за производи од САД.