Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека негов фокус се изборите за Сенатот.

Според американски медиуми, со тоа навестил дека не е голем оптимист по повод можноста неговите републиканци да задржат контрола врз Претставничкиот дом на Конгресот на САД.

Американците во вторник ќе ги бираат сите 435 конгресмени и третина челенови на Сенатот.

Анализите на медиумите во САД се дека Трамп се обидува да се дистаницра од судбината на републиканските кандидати за Претставничкиот дом.

– Мислам дека добро ќе поминеме на изборите за Претставничкиот дом, но како што знаете мој примарен фокус е Сенатот. Мислам дека навистина добро стоиме на изборите за Сенатот, изјави Трамп.

Тој додаде дека ентузијазмот на републиканците е поголем од кога било, но сепак неговата изјава укажува дека не е голем оптимист по повод шансите на неговата партија да задржи мнозинство во Претставничкиот дом.

Трамп учествува на предизборни собири во традиционално републиканските држави Џорџија и Тенеси, каде ќе поддржи кандидати на изборите кои може значително да го преобликуваат неговиот мандат.