Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска повторно изјави дека италијанската премиерка Џорџа Мелони повеќепати го молела да се фотографира со него за време на Самитот на -Г7 во Франција, оценувајќи дека тоа веројатно го правела за да ја зголеми својата опаѓачка популарност во Италија.

Трамп реагираше на одговорот на Мелони на неговите претходни тврдења, пренесени во медиумите, дека таа го „преколнувала“ за заедничка фотографија на Самитот. Мелони ги отфрли тие наводи како целосно измислени, изјавувајќи дека е „вчудоневидена“ од таквите инфомрации.

„Ниту Италија, ниту јас молиме“, изјави Мелони, по што беше откажана и планираната посета на министерот за надворешни работи на Италија на Вашингтон.

Трамп денеска на својата социјална мрежа „Трут соушал“ повторно ги изнесе истите тврдења.

„Италијанската премиерка Џорџа Мелони одново и одново бараше да се фотографира со мене за време на Самитот на Г-7 во Франција. Таа стои лошо во Италија според рејтингот на популарност, можеби затоа што ги одби САД, кои навистина ја сакаат и ја штитат Италија“, напиша Трамп.

Тој потсети дека Мелони не им дозволи на САД да ги користат италијанските аеродроми и писти за слетување за време на конфликтот против Иран, што, според него, било „логистички многу незгодно“ независно што САД, како што посочи, издвојуваат стотици милијарди долари годишно за заштита на Италија и другите „таканаречени“ сојузници во НАТО.

„Сега кога САД воено го поразија Иран, таа повторно сака да биде пријател, за да си ја зголеми поддршката. Не, благодарам“, напиша Трамп.

Мелони долго време важеше за една од најблиските сојузнички на Трамп во Европа и настојуваше да посредува меѓу често спротивставените интереси на неговата администрација и Европската Унија.

Двајцата лидери делат слични ставови за ограничување на миграцијата и промовирање на традиционалните вредности, но разликите меѓу нив станаа поочигледни откако Трамп ја намали американската поддршка за Украина, а Мелони ги критикуваше неговите ставови за можноста Гренланд да биде преземен со сила од Данска.

Дополнителни тензии се појавија и по одбивањето на Италија, како и на други членки на НАТО, да им помогнат на САД и Израел на почетокот на војната против Иран на 28 февруари.