Американскиот претседател Доналд Трамп денеска преку Твитер најави дека САД ќе воведат санкции кон Турција, поради апсењето на свештеникот Ендрју Брунсон.

– САД ќе воведат големи санкции врз Турција поради долготрајното притворање на отец Ендрју Брунсон, голем христијанин, семеен човек и прекрасен човек. Тој многу страда. Овој невин човек на верата треба веднаш да биде ослободен, напиша Трамп на својот Твитер профил.

Брунсон (50) бил свештеник во мала евангелска протестантска црква во Измир, кој две децении живеел во Турција, а беше уапсен во октомври 2017 година, под сомнеж дека е поврзан со терористичката мрежа на Фетулах Ѓулен.

Турција уапси неколку американски државјани, како и турски државјани вработени во американската амбасада во Анкара, под сомнеж дека се поврзани со Ѓулен, и ги сомничи дека се американски шпиони. Нивните апсења во САД беа сфатени како притисок да се издејствува екстрадиција на Ѓулен, кој со децении живее во американската сојузна држава Пенсилванија.

Неделава свештеникот беше пуштен од притвор, но се уште е во домашен притвор. Потпретседателот Мајк Пенс вчера телефонски разговараше со него и од Анкара побара негово целосно ослободување и враќање во Америка.