Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека разговарал со властите во Саудиска Арабија на највисоко ниво за исчезнувањето во Истанбул на саудискиот новинар Џамал Кашоги. Тој потенцираше дека САД инсистираат на вистината.

– Ситуацијата е лоша, рече Трамп пред новинарите и додаде дека сака во Белата куќа да ја покани свршеницата на Кашоги.

За Кашоги нема никакви иформации откако влезе во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври. Турските и саудиските власти даваат противречни изјави. Анкара тврди дека тој не излегол од конзулатот, а Ријад вели дека истиот ден го напуштил објектот.

Кашоги, кој живееше во егзил во САД, исчезна во Истанбул минатиот вторник, по посетата на Конзулатот, каде бил заради документи кои му биле потребни за склучување брак, појасни неговата свршеница.

Кашоги е долгогодишен новинар, дел од редакцијата на „Вашингтон пост“, познат по критичките текстови за саудискиот принц. Во неговите текстови тој ја критикуваше и Саудиска Арабија поради војната со Јемен и спорот со Канада. Тој е познат по интервјуата со поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен, и патувањата со него во периодот од 1987 до 1995 година. На почетокот на 90-ите се обидел да го убеди Бин Ладен да се смири со кралското семејство на Саудиска Арабија и да се врати во својата татковина, но тој одбил.