Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во објава на социјалните мрежи рече дека ќе биде уапсен во вторник, бидејќи обвинителите во Њујорк размислуваат да го обвинат во случајот да им давал пари на жени кои рекле дека имале секс со него за да ги спречат да излезат во јавноста.
Трамп утрово преку социјалната мрежа Truth Social објави дека „незаконското протекување“ на информации од канцеларијата на окружното обвинителство на Менхетен укажувало дека „водечкиот републикански кандидат и поранешен претседател на САД ќе биде уапсен во вторник“.
Трамп ги повика своите поддржувачи на протести.
„Протестирај те, вратете ја државата“, напиша тој.
Според агенцијата АП, полициските службеници во Њујорк прават безбедносни подготовки за можноста Трамп да биде обвинет.
Нема јавно соопштение за временските рокови за работата на големата порота за случајот, вклучително и потенцијалното гласање за тоа дали да се подигне обвинение против поранешниот претседател.
Истрагата се фокусира на 130.000 долари платени недели пред претседателските избори во 2016 година за да се спречи порно ѕвездата Сторми Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд, да излезе во јавноста за аферата за која вели дека имала со Трамп години пред тоа.