Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа го засили притисокот врз гувернерите да го задушат насилството на протестите што избувна заради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, барајќи од Њујорк да ја мобилизира Националната гарда за да ги запре „скитниците и губитниците “, јавуваат американските медиуми.

Додека во градовите низ САД седма ноќ по ред се одржаа протести и немири, проследени со грабежи, вандализам и напади врз полицијата, претседателот Трамп ги засили повиците за поостар одговор, како што направи и претходниот ден, кога се закани дека ќе испрати војска за да воспостави ред доколку гувернерите не го сторат тоа.

„Њујорк, повикај ја Националната гарда. Тепачи и губитници те уништуваат. Дејствувајте брзо. Немојте да ја направите истата ужасна и смртоносна грешка како со старските домови“, напиша Трамп на Твитер.

Во Њујорк во понеделникот вечерта луѓето ги искршија излозите на продавниците во близина на Центарот Рокфелер и влегоа во стоковната куќа „Мејси“ на Менхетен, и покрај воведувањето на првиот полициски час во градот по децении. Полицијата соопшти дека се уапсени речиси 700 лица, а неколку полицајци се повредени, објави „Гласот на Америка“.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, го продолжи за цела недела полицискиот час, што почнува во 20 часот по локално време.

Полициски час е воведен и во десетици други американски градови, вклучувајќи го и главниот град Вашингтон.

-Не очекуваат неколку тешки денови. Ќе се соочиме со тоа , рече Де Бласио, додавајќи дека тој ќе го стори со помош на локалните лидери, кои ги повика да реагираат.

Заради насилствата во 29 држави од САД распоредени се повеќе од 20.000 припадници на Националната гарда. Њујорк не е меѓу тие држави.  Де Бласио изјави дека не ја сака Националната гарда, а гувернерот на државата Њујорк, Ендрју Куомо, изјави дека гардата нема да ја испрати доколку градоначалникот тоа не го сака.

За време на насилството, кое од понеделникот вечерта ги зафати заедниците кои живеат од едниот до другиот брег на земјата, полицајци се застрелани, прегазени и гаѓани со камења и шишиња.

Во Атланта полицијата истрела солзавец кон демонстрантите. Во Нешвил, повеќе од 60 припадници на Националната гарда ги спуштија штитовите по барање на мирни демонстранти. За време на протестите во градот Бафало, во државата Њујорк, возило се втурна во група полицајци,  од кои тројца се повредени. Во Лас Вегас е тешко повреден полицаец, кој беше  застрелан додека со своите колеги се обидувал да ги растера луѓето кои се собраа пред хотел- казино. Во Сент Луис, четворица полицајци беа застрелани и се очекува да закрепнат.

-Веќе подолго време седиме на буре со барут што експлодира, рече полицискиот комесар на Филаделфија, Даниел Авто.

Во Филаделфија, каде стотици демонстранти излегоа на автопатот што минува низ центарот на градот, градоначалникот Џими Кени ги опиша хаотичните сцени каде едно лице беше убиено додека се обидуваше со експлозив да ограби банкомат, додека сопственик на продавница пукаше во крадец, а 19-годишно момче починало од повреди здобиени при грабежот.

Некои демонстранти од актуелното движење сметаат дека протестите се неопходни заради серијата убиства за кои се обвинува полицијата.

-Се плашам за мојата безбедност секогаш кога возам некаде. Се плашам дека некој ќе ме запре. Се плашам за животите на моите 10 браќа и сестри, за животот на моите родители , изјави 19-годишната Амари Бароус од Паркланд, Флорида, која учествува на протестите.

Протестите низ САД се иницирани од смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, на кого еден од полицајците кои го апсеа од Минеаполис со колено му го притискаше вратот додека лежеше на земја. Џорџ Флојд почина, а полицискиот службеник Дерек Шовин е обвинет за неговото убиство.

Учесникот во протестите во Сент Пол, во Минесота, Џозеф Тава вели „тешко е да не се плашите“.

Во Ричмонд, Вирџинија, неколку стотици луѓе вчера се собраа пред градското собрание на протест против градоначалникот Левар Стони, кој се извини затоа што полицијата употреби солзавец кон мирните демонстранти.

Во меѓувреме, демократските гувернери ја отфрлија заканата на Трамп за испраќање трупи и предупредуваа дека потегот ќе биде опасен.

Неименуван висок функционер на Белата куќа вчера изјави дека, и покрај заканите на Трамп, целта е да се изврши притисок врз гувернерите да мобилизираат повеќе членови на Националната гарда.

Противниците на Трамп го обвинуваат за натамошно поттикнување конфликти и расни тензии, наместо да ја обедини земјата и да ги реши проблемите што доведоа до протестите.

-Претседателот Трамп има право да биде фокусиран на законот и редот. Тој не беше избран за да ги теши луѓето, изјави поранешниот член на изборната кампања Џејсон Милер.

Кандидатот за демократски претседател, Џо Бајден, во својот вчерашен говор кажа дека ќе се обиде да ги залечи расните поделби во Америка и остро го критикуваше одговорот на Трамп на протестите.

Во Минеаполис, во меѓувреме, ситуацијата е малку помирна, откако братот на Џорџ Флојд повика на мир, на истото место каде што белиот полицаец  Дерек Шовин неколку минути го држеше колено врз вратот на Флојд,  дури и кога Афроамериканецот кажа дека не може да диши.

Полицаецот кој клечеше врз вратот на Џорџ Флојд  е обвинет за убиство. Шовин е обвинет за убиство, а јавниот обвинител на Минесота, Кит Елисон, вчера изјави дека обвинителите се обидуваат што побрзо да утврдат дали треба да се покрене обвинение и против уште тројцата други полицајци, вклучени во инцидентот. Сите четворица полицајци беа отпуштени, наведе Гласот на Америка.

Куомо: Градоначалникот на Њујорк и полицијата не ја завршија својата работа

Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендрју Куомо, изјави дека полицијата во Њујорк „не ја заврши својата работа“ затоа што не успеаа да ги спречи грабежите и другите криминални активности за време на протестот за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд.

Куомо, исто така, кажа дека демократскиот градоначалник на Њујорк, Бил де Бласио, не го разбрал обемот на протестот, за што иницијална каписла беше убиството на невооружениот Флојд за време на неговото насилно апсење во Минеаполис минатата недела.

Гувернерот рече дека полицискиот оддел во Њујорк, во кој има 38.000 полицајци, требало да распореди повеќе сили за да ги спречи грабежите и вандализмот, соопштија американските медиуми.

-Њујорк и градоначалникот не ја завршија својата работа. Мислам дека градоначалникот го потцени обемот на проблемот, додаде тој.

Демократскиот гувернер Куомо на прес конференција го критикуваше републиканскиот претседател Доналд Трамп за, како што кажа, неговиот лош одговор на протестите низ целата земја.

Куомо изјави дека Трамп ја користи својата позиција за акцентот да се стави  врз луѓето кои крадат, така што „тој не би морал да зборува за убиството на Џорџ Флојд“.

Вилијам Бар: Полицијата да ги оддалечи демонстрантите околу Белата куќа

Јавниот обвинител на САД Вилијам Бар нареди полицијата да ги оддалечи демонстрантите кои се собраа околу Белата куќа непосредно пред телевизиското обраќање на американскиот претседател Доналд Трамп од паркот на претседателската резиденција, јави Си-Ен-Ен.

Како што пренесуваат странските агенции, поради палење оган и деструктивно однесување на демонстрантите околу плоштадот Лафајет, зелената површина на северниот влез во Белата куќа, државниот обвинител и високи функционери на безбедносните служби задолжени за обезбедување на претседателската резиденција и претходно планираа да го испразнат и обезбедат поширокиот појас околу претседателскиот комплекс, но тој план до сега не е спроведен.

За наредбата на јавниот обвинител прво јави „Вашингтон пост“, наведувајќи дека Вилијам Бар бил информиран од полицијата дека се сомневаат дека демонстрантите носат камења и планираат да ја нападнат полицијата.

Во 18.30 по локално време, полицијата, по наредба на јавниот обвинител на САД, упати предупредување до демонстрантите да се оддалечат и тоа го повторуваше трипати на секои десет минути.

Потоа, полициски кордон во заштитна опрема и со штитови почна да ги потиснува и повремено да ги тепа незадоволните демонстранти со палки, пренесува Си-Ен-Ен.

Анкета: Една третина од Американците изјавиле дека се согласуваат со ставот на Трамп кон протестите

Повеќето американски граѓани ги поддржуваат протестите низ целата земја по повод убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд и се спротивставуваат на одговорот на американскиот претседател Доналд Трамп на протестите, се наведува во истражувањето спроведено од Ројтерс и Ипсос.

Во анкетата, спроведена вчера и завчера, 64 проценти од возрасните Американци изјавиле дека „имаат сочувство кон луѓето кои во моментов протестираат“, 27 проценти рекле дека не ги поддржуваат демонстрациите, додека девет проценти не сакале да се изјаснат.

Повеќе од 55 проценти од анкетираните изјавиле дека не го поддржуваат начинот на Трамп за спречување на протестите, од кои 40 проценти се изјасниле дека жестоко се спротивставуваат на одлуките на Трамп во врска со демонстрациите.

Една третина од анкетираните изјавиле дека се согласуваат со ставот на Трамп кон протестите.

Минесота ја тужи полицијата поради смртта на Џорџ Флојд

Американската сојузна држава Минесота поднесе тужба за кршење на граѓанските права против полицијата во Минеаполис за смртта на Џорџ Флојд, кој го загуби животот при интервенција на припадник на полицијата, објави гувернерот на таа држава, Тим Волц.

Тој рече дека Канцеларијата за човекови права во Минесота ќе ги истражи полициските практики во последните десет години.

– Тишината е соучесништво. Граѓаните на Минесота можат да очекуваат од нашата администрација дека ќе ги искористи сите инструменти што ни стојат на располагање за да го уништиме системскиот расизам во нашата држава, рече Волц на прес-конференција.

Партиската конвенција на Републиканците на друго место и со друг датум

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Републиканската партија ќе ја презакаже  претстојната партиска конвенција, откако не успеа да обезбеди гаранции од гувернерот на Северна Каролина, Рој Купер, поради ограничувањата со коронавирусот, јави ДПА.

Големиот настан во оваа држава беше планиран за крајот на август, каде требаше да се случи церемонијата на официјалиото номинирање на Трамп за кандидат на конзервативната партија за претседателските избори во ноември.

„Одамна планирав Републиканската национална конвенција да се оддржи во Шарлот, во Северна Каролина, местото што го сакам“, напиша Трамп на Твитер.

„Сега, @NC_гувернерот Рој Купер и неговите претставници одбиваат да гарантираат дека можеме да ја користиме „ Спектарот арената“ “, напиша тој,  додавајќи дека републиканците бараат нова држава домаќин.

ДПА додава дека гувернерот Купер, претходно, вчера, во писмото до републиканците, што го објави на Твитер,  изјави дека планираната партиска конференција, со околу 19.000 делегати на стадион, ќе биде изводлива само доколку се обезбдат ограничувањата за да се запре ширењето на коронавирусот.

„Партиска конференција без мерки на претпазливост, како што се носење маски или помал број учесници, во моментов се чини многу малку веројатна“, напиша гувернерот Купер.

Во САД, секоја сојузна владата носи свои одлуки за примената на ограничувањата на коронавирусот и кога треба да се укинат.

Во моментов, сепак, малку е веројатно дека ќе може да се одржуваат големи настани со висока стапка на посетеност, при што учесниците ќе можат да одржуваат безбедна дистанца.

Германската агенција додава дека претседателот Трамп веќе одби да учествува на виртуелна партиска конвенција.