Во Цазин пред џамијата Брезова коса денеска е извршен верскиот обред клањање и џеназе, а потоа и погребот на 2-годишното и 7-годишното братче и нивната 5-годишна сестра. Нив во Бихаќ во четвртокот ги уби нивниот татко Адмир Совиќ, кој потоа се самоуби.

На џеназето имаше повеќе од три илјади луѓе од цела Босна и Херцеговина, јави Дневни аваз.

Владееше молк се додека не се појави возилото кое ги превезуваше ковчезите на настраданите деца, а потоа се слушна силен плач и врисоци од членовите на семејството на децата и роднините. Мајката со силен плач ги повикуваше своите деца. Интервенираа и лекарите бидејќи во неколку наврати им се слоши на мајката и на дедото на убиените деца, пишува Аваз.

Оџата беше замолен од фамилијата да биде пократок во обредот и говорот пред куќата. Тој рече само дека на Алах му се враќаат сите, млади и стари.

Властите во Унско-санскиот кантон прогласија ден на жалост по ова стравично убиство во Мали Луг во Бихаќ.

Вчера беше погребан и Адмир Совиќ, а на неговото џеназе беа само најблиските членови на фамилијата, меѓу кои две сестри, братот и мајката.