Американскиот претседател Доналд Трамп наводно му ветил на турскиот претседател Таип Ердоган дека работи на испорачување на муслиманскиот свештеник Фетула Ѓулен, кој е обвинет како организатор на неуспешниот државен удар во Турција во 2016 година.

Тоа го објави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

– Трамп во Аргентина му кажа на Ердоган дека работи на случајот за испорачување на Ѓулен и други лица, рече Чавушоглу на конференцијата во Доха.

Како што пренесе НБЦ, администрацијата на Трамп бара начини за испорака на Ѓулен, за да влијае на Ердоган да го намали притисокот врз Саудиска Арабија поради убиството на новинарот Џамал Кашогу, во саудискиот конзулат во Истанбул.

Американското Министерство за правосудство негираше дека бил планиран договор за испорака на Ѓулен, за да попушти притисокот од турскиот лидер за убиството на Кашогу.

Аналитичарите не ја исклучуваат можноста Трамп да го испорача Ѓулен и да ги прекрши американските начела за човекови права и демократија, со оглед на тоа дека е под голем притисок, откако американскиот Сенат усвои резолуција во која за одговорен за убиството на саудискиот новинар го прогласи престлонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман.

Со оглед на тоа дека Ердоган има несоборливи докази дека принцот наредил да биде убиен Кашоги, со испорачувањето на Ѓулен, има сомнежи дека Трамп би направил компромис со турскиот претседател за уништување на доказите.