По насилното укинување на техничката Влада и рушењето на политичкиот консензус, Христијан Мицкоски сега сака да протне и Изборен закон кој отвора простор за нов изборен грабеж. Сака шверцерскиот да се воведе електронско гласање на дијаспората без соодветни механизми за контрола, проверка и гаранција за тајноста на гласањето, се посочува во соопштението на СДСМ од денешната прес-конференција на Јована Тренчевска, потпретседателка на СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.
Додека секој граѓанин кој гласа во татковината минува низ строга процедура – проверка на личен документ, потпис во избирачкиот список и идентификација со отпечаток од прст, Мицкоски сака за околу 200.000 потенцијални гласачи во дијаспората да нема исти правила и да нема никаква контрола.
Без да се гарантира дека гласот е даден лично, со можности за злоупотреби од ВМРО, со притисок, со присуство на други лица и злоупотреба на идентитетот на гласачот.
Да не може да се гарантира ниту дека е почитувано основното демократско право – тајното и слободно гласање.
Ова го предлага ВМРО партијата која има најтешко наследство кога станува збор за изборни злоупотреби.
Денес, кога поддршката на власта опаѓа, оправдано се поставува прашањето дали Мицкоски повторно се обидува изгубените гласови во Македонија да ги надомести преку неконтролиран систем на електронско гласање.
Дополнително, нема никаква причина ова решение да се носи набрзина. Предвидено е да почне да се применува дури од 2029 година. Имаше доволно време Владата да го повлече предлогот, да отвори вистинска јавна дебата и да обезбеди политички консензус за изборни правила што ќе имаат доверба кај сите.
Но, власта го одби и тој разумен предлог.
Кога Мицкоски одбива да прифати основен принцип тогаш сосема е јасно дека неговата цел е изборни манипулации и злоупотреби.
СДСМ нема да дозволи изборен грабеж.
Со 10.000 амандмани ќе ги искористиме сите демократски и парламентарни механизми за да го спречиме овој опасен обид за поткопување на изборниот процес.
Нема да дозволиме да се отвори простор за манипулација со десетици илјади гласови без соодветна контрола.
Одговор на новинарско прашање – СДСМ уште пред неколку месеци најави дека Мицкоски прави платформа за слабеење на партијата
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред неколку месеци јавно кажа дека се формира некаква платформа, која што во услови кога гласовите на ВМРО се губат, Христијан Мицкоски, формира некаква нова платформа, сè со цел да ја ослабне опозицијата.
Сè она што треба да се каже, а се однесува на СДСМ од сите членови на СДСМ, треба да се каже внатре, во рамки на партијата.
Секој има можност, секој има право да ги каже своите забелешки, меѓутоа во рамки на органите и телата во партијата, и впрочем и затоа и Фронтот за правда и вистина, околу кој се голем број интелектуалци, голем број граѓански организации и граѓани, кои што сè она што е забелешка го кажуваат внатре, во рамки на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Центар за комуникации со јавноста на СДСМ
Фото: СДСМ




