И премиерот на Црна Гора го пофали нашиот систем на социјална заштита и побара да појде наш тим да им помогне да го воведат, рече доскорешната министерка, сега заменик-министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во емисијата Студио 10 на ТВ 24.

Таа додаде дека Владата не ги зголемила функционерките плати туку дека Уставниот суд им ги зголемил за 78 отсто, но Владата, пак, ги зголемила платите на сите други за 80 отсто.

– Околу 1.200 функционери кои земаат зголемена плата се од опозицијата, тие се пратеници, градоначалници, судии од тевтерчињата, вели Тренчевска.

Таа се пофали и со покачување на просечните плати и пензиите:

– Ние воведовме раст на минималната плата која изнесува 22.500 денари и зголемување на минимална пензија. На 100 отсто е зголемена минималната пензија. Денес имаме 38.500 денари просечна плата со тенденција да расте, вели Тренчевска.

Во 2009 година процентот на сиромаштија беше 49 отсто, а во 2019 година се симна на 19 отсто, вели Тренчевска и додава дека да не биле кризите ќе имаше поголемо намалување на сиромаштијата. Таа потсетува дека досега има девет пакети на антикризни мерки за најранливите што покажува дека се работи системски за подобрување на стандардот на граѓаните.