На вториот ден од привременото примирје помеѓу Израел и Хамас ослободувањето на заложниците и палестинските затвореници не се одвиваше со предвиденото темпо.

Милитантната група го пролонгираше ослободувањето на заложниците тврдејќи дека Израел не го почитува договореното. Дури доцна синоќа Хамас предаде 13 израелски заложници и четири странци на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ИЦРЦ).

Израелските власти ослободија 39 палестински затвореници од кои шест жени и 33 деца до 19 години.

Договорот за четиридневното примирје предвидува ослободување на најмалку 50 од вкупно околу 240 заложници на 150 Палестинци од израелските затвори.

И за денеска е предвидено ослободување на заложници и палестински затвореници, но не е познато колкав ќе биде нивниот број и кога тоа ќе се случи.

Тоа е прв прекин на огнот од почетокот на конфликтот на 7 октомври кога Хамас го нападна Израел, при што се киднапирани 240 луѓе. Според израелските власти, во тој напад загинале 1.200 луѓе, од кои најголем број биле цивили.

Како одмазда, Израел го бомбардираше Појасот Газа и на 27 октомври почна копнена офанзива со цел да го елиминира Хамас, кој е на власт во енклавата од 2007 година. Во Појасот Газа, според владата на Хамас, во израелските напади загинале 14.854 луѓе, од кои 6.150 деца.

Четиридневното примирје, постигнато со посредство на Катар, Египет и САД предвидува целосен прекин на огнот без напади од воздух или земја и небо без беспилотни летала за да се овозможи ослободувањето на заложниците во безбедна средина.

Договорот, исто така, има за цел да обезбеди дополнителна помош за 2,4 милиони жители на Појасот Газа, кои се соочуваат со недостиг на основни добра откако Израел ја заостри опсадата на енклавата. Двеста камиони со хуманитарна помош вчера пристигнале во Појасот Газа.

Агенцијата на Обединети нации за хуманитарна координација (ОЦХА) соопшти дека од стапувањето во сила на примирјето помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа пристигнале 248 камиони со хуманитарна помош.

Израел најави дека ќе ја продолжи својата воена офанзива откако ќе заврши примирјето.

фото: ДПА