На 13 лица кои пристигнале во Холандија од Јужноафриканската Република им е дијагностициран сојот омикрон од коронавирус, соопшти Националниот институт за здравје на Холандија.

„На 26 ноември, 624 патници кои слетаа од ЈАР беа тестирани за коронавирус на аеродромот Схипхол. Од нив 61 дадоа позитивен резултат. За да се утврди сојот на коронавирус, примероците беа испратени за понатамошно истражување до Институтот. Варијантата омикрон е откриена во 13 позитивни тестови“, се вели во соопштението.

Исто така, се истакнува дека истражувањето не е целосно спроведено и дека може да има поголем број инфицирани со новиот вид.

Два лета од ЈАР слетаа на аеродромот Схипхол во петокот. Патниците биле задржани на аеродромот до доцна во ноќта. Секој мораше да ги направи ПЦР тестовите и да ги чека резултатите.