Никола Таневски е победник на петтата трка на дедомразовци од два километра во центарот Скопје, а Рената Соколовска беше најбрза во женска категорија.
Александар Георгиевски од организаторот на настанот – Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“, изјави дека оваа година одѕивот бил можеби најголем досега и на трката се придружиле над 400 учесници облечени како Дедо Мраз.
Покрај натпреварувачки, трката имаше и забавен карактер и учествуваа луѓе од различни возрасти. Победниците добија награди, а најмалите учесници во трката – новогодишни пакетчиња.
Трката почна и заврши на плоштадот „Македонија“. Учесниците трчаа покрај Порта Македонија, паркот „Жена-борец“, покрај хотелот „Холидеј ин“, мостот кај МНР, покрај Вардар кон Камениот мост и преку мостот до целта – повторно на градскиот плоштад.