На 22 и 23 октомври, на Истра, во организација на Македонскиот културен форум од Пула и Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб се одржа дводневна меѓународна тркалезна маса на тема „Македонија: идентитет, суверенитет, слобода“, под слоганот „Гласност за Македонија“, со учество на низа истакнати имиња од јавниот, културниот и медиумскиот живот од Македонија, Италија, Словенија и Хрватска.

Тркалезната маса е организирана со намера пошироката меѓународна јавност, па така и хрватската и словенечката, да се предупредат на евроунитаристичкиот молк за вистинската, тешка општествено-политичка состојба и за политичко-полицискиот и цензорски режим што го спроведува актуелната квислиншка власт на Зоран Заев во Македонија, зашто, за жал, тој молк од тесноградите европски политички кулоари се прелеа и во јавниот медиумски простор на Хрватска и на Словенија.

Пред почетокот на тркалезната маса, во култното пулско „Кино Вали“ („Kino Valli“), во кое секоја година се одвиваат и дел специјални тематски програми на познатиот Меѓународен филмски фестивал во Пула, беше одржана хрватска премиера на македонскиот долгометражен игран филм „Ругање со Христос“ од режисерот Јани Бојаџи, награден за филмска иновативност на Филмскиот фестивалот во Монтреал, Канада, како и за сценарио на фестивалот CCEAPARIS во Париз, а во Македонија едноставно беше – забранет.

Инаку, на тркалезната маса беше присутен и познатиот новинар на италијанскиот весник „Ла Верита“ д-р Ларис Гајзер од Милано мошне ангажирано и со широка аргументација говореше на тема ”Релативизација и негирање на идентитетот како проблем за стабилност на Европа – случајот на Македонија“. Поттикнат и од прашањата на присутната публика дали денес, воопшто, постои нечиј вистински суверенитет, тој одговори дека единствена земја во светот која може да рече дека има целосен суверенитет се само Соединетите Американски Држави, зашто на сите други, па и на низа моќни држави, на одделни рамништа суверенитетот им е ограничен. „Но“, рече тој, „постои еден неприкосновен и недопирлив суверенитет што никој на светот и никаква сила не можат никогаш да ви го одземат: тоа е вашето право на самоопределување на сопствениот национален идентитет, на вашето национално име, на името на вашата држава и на името на вашиот мајчин јазик“.

На настанот учествуваше и познатиот италијански поет и преведувач, деведесетидвегодишниот, се уште, мошне витален Џакомо Скоти, голем и засведочен пријател на македонскиот народ и на Македонија. Неговото излагање на темата „Зошто ја сакам Македонија“ беше не само човечки трогателно сведоштво за неговите силни и повеќедецениски творечки врски со најистакнатите македонски писатели, продлабочени со чести доаѓања во Македонија, на „Струшките вечери на поезијата“ и по други литературни поводи, туку сведочи и за еден енормен и исклучително важен антологиски и преведувачки опус на италијански јазик на дела од македонската литература, како од народната, така и од уметничката, и тоа во голем распон од Константин Миладинов, преку Кочо Рацин, Блаже Конески, Славко Јаневски, Матеjа Матевски и редица други македонски писатели од подоцнежните и помладите генерации.

Џакомо СКОТИ и Елка ЈАЧЕВА УЛЧАР

Самата тркалезна маса, чиј модератор беше историчарот д-р Теон Џинго од Институтот за национална историја од Скопје, ја отвори Јани Бојаџи со неговото излагање на тема „Слободата како оружје“ започна работниот дел на тркалезната маса. Бојаџи се осврна на современиот еврофашизам кој ѝ одеше и ѝ оди на рака на актуелната власт во Македонија која никако не сака да ја чуе вистината, особено вистината за себеси и за сите безумни нешта што ги направи и, сѐ уште, ги прави. Затоа таа безочно се нафрли врз слободата на мислата и врз слободата на говорот, како најсуштествени и највисоки европски вредности. Оттаму и прогонот на македонските слободномислечки интелектуалци, творци и, сѐ уште, ретките слободни медиуми, оттаму и прогонот и забраната на неговиот филм „Ругање со Христос“.

Писателот и колумнистот Александар Русјаков говореше на темата „Македонскиот идентитет во гасните комори на модерниот нацизам“.

„Сакам да ве поведам на едно патување“ – рече Русјаков – „од Лисабонската декларација до „балканските методи“. Звучи како здодевно патување, знам. Кај го има зборот „декларација“, таму сигурно не свири фадо, макар била и „лисабонска“. „Балкански методи“ пак, звучи малку застрашувачки. Или завршува со кафеана или со војна. Нас во Македонија ни се случи војна, специјална војна. Ама Македонците одлучија да останат во кафеани. Затоа останавме без име, идентитет и историја. Од тој ужас јас се бранам со цинизам. А надвор од цинизмот е суровата реалност, во која триесет години сме под жестока тортура на светската моќ, уште од 1992 кога Европската Унија ја донесе Лисабонската декларација во која пишуваше дека не смее да има држава со име Македонија, па сѐ до 2019 година кога евроамбасадорот Јоханес Хан јавно им порача на македонските власти да употребат „балканско методи“ за да обезбедат двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Устав со цел промена на име и идентитет. Тоа значеше присила и уцени. Е, меѓу овие два временски периода македонскиот идентитет беше носен низ гасните комори на модерниот нацизам“, рече Русјаков.

Д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик, својата тема „Македонскиот јазик во словенски и балкански контекст (историски преглед и перспективи)“ мошне сугестивно и аргументирано ја прошири, осврнувaјќи се на Законот за употреба на јазиците, на третманот на македонскиот јазик во Преспанскиот договор, како и врз Декларацијата на Бугарското собрание во врска со употребата на синтагмата – македонски јазик.

Во врска со првата точка, таа укажа дека во Македонија, албанскиот јазик не е распространет на целата нејзина територија и дека со овој закон, практично, на мала врата се воведува бинационална држава, се крши Уставот на Република Македонија според кој официјален јазик е македонскиот, со што се губи кохезивната функција на македонскиот јазик како средство за комуникација на сите жители во Македонија, независно од нивната етничка припадност.

Во однос на она што е закодирано во Преспанскиот договор во врска со македонскиот јазик, таа смета дека се стеснува територијата на дијалектната рапространетост на македонскиот јазик, па оттука произлегува дека Македонија ќе биде единствената држава во Европа, но и пошироко, чие јазично простирање завршува на државните граници, со оглед на тоа што Договорот не признава постоење на македонско малцинство во Грција.

Во Декларацијата на Бугарското собрание во однос на јазикот како услов за влез на Македонија во ЕУ се бара македонскиот јазик да не се именува со своето име, зашто „неговата кодификација во 1944 година е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја.“ Јачева-Улчар, информираше дека на овие уцени реагирале голем број научници, академици и уметници кои испратиле Отворено писмо до европските дипломатски претставници во Македонија, од кои се бара да реагираат поради кршењето на основното човеково право за самоопределување од страна на Бугарија.

Елка ЈАЧЕВА УЛЧАР

Говорејќи на темата „Македонското прашање денес. Словенечки аспект“, новинарката Виолета Стојковска од Љубљана, фокусирана на сосема деформираната и погрешна перцепција и интерпретација на актуелните реални трагични состојби на Македонија во евроцентричните кругови на словенечките политички елити, и на неверојатната и загрижувачка појава на сѐ позачестената автоасимилиација на младите Македонци во Словенија, посебно ja истакна и сѐ поизразената поделба меѓу тамошните Македонци што се пресликува од матичната земја. Таа се осврна и на неконзистентноста во однесувањето на ЕУ и на некои словенечки дипломати кои како своевидни патрони кон македонското прашање (не)посредно беа вплеткани во дел од евромакедонските процеси, а нивните активности на Балканот и во Македонија останаа контроверзни. Нивните ставови денес драстично се разликуваат од оние од 2005 година кога Македонија го доби статусот на кандидатка за влез во Европската Унија, кога тогашниот европратеник Јелко Кацин тврдеше дека членките на ЕУ би требало да ги надминат бизарните и недопустливи долготрајни компликации во врска со нејзиното име. Денешната словенечка политика, пак, цврсто стои на позицијата на „тврдите ставови на ЕУ кон Македонија“, иако таму беневолентно се покажува и демократска култура со тоа што Македонците на своите собири можат да ја именуваат државата како Македонија. Сличен однос кон македонското прашање имаат и словенечките државни медиуми. Потеэите на актуелната власт во Македонија тие ги толкуваат и ги прикажуваат во позитивна светлина, а вистините за нашата земја ги презентираат на свој начин. Тоа значи дека, речиси ништо, не се кажува за траумите што ги доживеаја и што ги проживуваат мнозинството Македонци по насилната промена на името. Амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар нѐ убедуваше дека во Брисел ќе се говорело на „јазикот на Блаже Конески и на Лидија Димковска“, притоа не именувајќи го како македонски, но македонскиот јазик, како што видовме, не доби виза во Брисел, заклучи Стојковска.

Историчарот д-р Теон Џинго од Институтот за национална историја имаше излагање на тема ”Македонскиот идентитет низ призмата на хрватскиот печат (1983-1991)“. Тој даде еден сликовит приказ на присутноста на Македонија и македонското прашање во хрватскиот печат во наведениот период и менувањето на пристапот на хрватската јавност кон македонското прашање во различните временски периоди, како и за време на настаните кои се случувале во локален, регионален и глобален контекст. Страниците на бројните хрватски весници биле честопати исполнети со сите премрежиња низ кои поминувал македонскиот народ во столетието во кое се мечтаело за создавање на независна македонска држава.

Алдо КЛИМАН

Во своето излагање под наслов „Македонија: фатаморгана на слобода, суверенитет и идентитет“ писателот Алдо Климан истакна дека сите оние европолитичари и претставници на медиумите, па така и во Хрватска, кои сегашнава новокомпонирана, вештачка, квислиншка творба со ступидното троделно име ја сметаат и ја нарекуваат „нова, модерна, демократска, реформирана држава“, мора да знаат дека таа и таква заевска Македонија претставува најобична фатаморгана, привид на идентитетот, суверенитетот и слободата. И идентитетот, и суверенитетот, и слободата безочно, хистерично и дивјачки се поништени и прегазени во таа вештачка државичка, која претставува најобичен туѓински протекторат, и која како таква и ќе исчезне со истата онаа брзина со која е и создадена, а по легален и легитимен пат ќе биде возобновена нашата убава вистинска татковина со длабоки историски корени – Република Македонија.