За да се ратификува договорот Ципрас-Заев на Атина и се потребни 151 глас „за“ од вкупно 300 парламентарци. Математиката вели – просто мнозинство. Во моментов коалциската влада Сириза/АНЕЛ на премиерот Алескис Ципрас виси за еден глас – остана на 152 пратеника, па сосема е неизвесно како би изгледало ратификувањето некаде пред крајот на годината, кога тоа треба да се случи, а во соседна Македонија веќе ќе се завршат сите фази од процесот за автогеноицид, односно бришење на националниот идентитет и код.
Затоа, логично се наметнува прашањето – зошто министерот за одбрана Панос Каменос, инаку лидер на АНЕЛ, бара Преспанскиот договор за името да се ратификува со 180 гласа, или ако тоа не е можно да се оди на референдум или, пак, на нови избори.
Се чини тешко дека која било партија во моментов може да обезбеди 180 пратеници кои би гласале „за“, па затоа она што го зборува Каменос треба да се анализира како предлог излезен од еден политичар кој по превртливост и примена на секакви тактики може да му парира на еден Никос Коѕијас.
Џон Псаропулос, долгогодишен новинар аналитичар, смета дека владата може да обезбеди 152 гласа, но Каменос сега се бори за својот политчки опстанок затоа што неговата партија сега вели дека ќе се противи на договорот, иако АНЕЛ ја поддржа Сириза во гласањето за доверба.
Псаропулос смета дека со барањето мнозинство од 180 пратеници, Каменос евидентно е дека се надева дека на тој начин ќе обезбеди товарот со договорот да се распореди на другите партии.
„Во досега невидениот политичкиот театар на сенки на кој Грција неизбежно е вовлечена, а кој и оди од рака на Сириза и АНЕЛ, една од главните улоги ја игра Панос Каменос. Со два примера во еден ист ден, тој вчера потпиша уште едан апсурд, што не е резултат на слаба политичка тактика. Се чини дека тоа е однапред договорена стратегија која добила зелено светло од Максумус Менжн (Владата) и со цел да портретира влада со две глави. Од една страна „левичарски“ пристап, особено за национални прашања како што е македонското, а од друга, „десен“ поглед на АНЕЛ кој игра на картата на Македонците со цел да се спаси на изборите“, истакнува Псаропулос за Денешен.
Тој смета дека оваа злонамерна тактика е заснована на план при што не се води сметка за моралот или другите правила. „Притоа не се води ни сметка за штетата која Владата и ја нанесува на државата, за инситуционалната штета со која ние ќе живееме долго време“, нагласува тој.
И покрај сегашните турбуленции на грчката политичка сцена, повеќе аналитичари веруваат дека Сириза/АНЕЛ ќе опстојат до крајот на мандатот, до есента 2019 година и покрај големиот притисок што го прави Нова демократија и Киријакос Мицотакис.
Како и да е, и во анализата на Ефемерида се вели дека во моментов се игра „политичка оперета“. Тоа за Македонија треба да се чита како готов Тројански коњ, кој во моментов само се лакира и таков ќе се остави во Скопје.
Затоа што евидентно е дека партијата на Каменос, која е главно составена од поранешни офицери, командоси и полицајци, се всушност тврдокорни грчки националисти кои не можат да смислат ни „м“ од Македонци и Македонија, онакава каква што ние во суштина и историски сме. Тоа значи ако не оваа, тогаш наредната година, тие заедно со дргите партии, како Златна зора и Нова демократија, ќе го закопаат договорт со парламентарно опело.
Во меѓувреме, Македонија, со сите притисоци кои сега се прават, со масовната пропагандна лоботомија која се подготвува до референдумот, се подготвува да се самоизбрише како македонска суверена нација. А, бидејќи Преспанскиот договор е ултимативен за македонската страна, тој нема да може да се враќа во какви било законски процедури.
Грчката држава признава принцип на реципроцитет
Денешен се обрати до грчкиот парламент за да ни ја објаснат процедурата на ратификација на договорот од Преспа. Во одговорот на Адамантиа Каруфули, директорката на канцеларијата за односи со медиумите и известувачите во грчкиот парламент се вели:
„Портпаролот на Владата Ѕанакопулос вчера кажа дека Договорот од Преспа не содржи обврски согласно Уставот на Грција за гласање со 180 гласа.
Уставот на Грција, во член 28 вели:
1.Општо познатите правила на меѓународното право, како и меѓународните конвенции се ратификуваат согласно статутот и стануваат оперативни според нивните одредени услови, треба да бидат интегрален дел од од домашното грчко законодавство. Правилата на меѓународното право и на меѓународните конвенции треба да важат за други само ако се постигнати под услов на реципроцитет.
2.Овластувањата на органитешто се предвидени со Уставот можат со договор или спогодба да им се доделат на агенциите на меѓународни организации, кога ова служи за важен национален интерес и промовира соработка со други држави. Мнозинство од три петтини од севкупниот број членови на парламентот неопходно е да гласаат за законот за ратификација за договор или спогодба.
3.Грција слободно ќе постапува по законот донесен со апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници со кој се ограничува вршење на националниот суверенитет, доколку тоа диктира важен национален интерес, не ги нарушува правата на човекот и основите на демократска влада и се врши на основа на еднаквост и под услов за реципроцитет.
Интерпретативна клаузула: Членот 28 претставува основа за учество на земјата во процесот на европската интеграција.
Според членот 67 од Уставот на Грција, „парламентот не може да донесе решение без апсолутно мнозинство од присутните пратеници, а во никоиј случај не може да биде помалку од една четвртина од севкупниот број парламентарци.
Парламентот на Хеленската Република има 300 пратеници“.