Кирил Дмитриев, пратеник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странство и шеф на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), денеска изјави дека е дојдено времето компанијата „Боринг“ (Boring Company), која ја основа американскиот претприемач Илон Маск, да почне со изградба на тунел меѓу Русија и САД.
„Дојде времето компанијата Боринг да почне со изградба на тунелот Путин-Трамп, кој ќе ги обедини Русија и Соединетите Држави, Евроазија и Америка“, напиша Дмитриев на Х, пренесуваат руските медиуми.
Дмитриев исто така објави и груб дијаграм за тоа како би можел да се изгради тунелот под Беринговиот Теснец.
Во октомври 2025 година, шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции ја најави можноста за изградба на интерконтинентален тунел меѓу Аљаска и Русија со користење на технологијата на компанијата „Боринг“. Тој тогаш напомена дека за тоа би биле потребни до осум милијарди долари, а самиот проект би можел да биде завршен за помалку од осум години.
Фото: Архива




