Анкара не планира да воведе санкции против Москва, со цел комуникацискиот канал со Русија да остане отворен, изјави советникот на турскиот претседател, Ибрахим Калин.
Мора да постои актер, кој може да разговара со Русија, е неговото објаснување за Си-Ен-Ен Турк.
– Кој ќе разговара со Русија, ако сите ги запалат мостовите? Не планираме да воведеме санкции, за да го оставиме отворен тој канал, појасни Калин, јавија руски медиуми.
Откако шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција ги предупредила сите крајбрежни и континентални земји, дека нема да пушти воени бродови низ своите мориња, Калин прецизираше дека Анкара ја толкува Конвенцијата од Монтре, за да не поттикнува тензии и се консултира со сите.
– Завојувани страни не можат да ги преминат морињата. Единствен исклучок се бродовите што се враќаат во базите. Во тој случај, имаат право на враќање, истакна Калин.
Според него, Анкара се консултира со сите. Во овој момент, како што додаде тој, нема барања за минување на воени бродови.
– Не треба ни да има. Отфрламе таков ризик во согласност со правилата на Монтре, нагласи тој.
Според Конвенцијата од Монтре од 1936 година, Турција има контрола над Дарданелите и Босфорот, што го поврзуваат Медитеранот со Црното Море. Земјата може да ограничи премин на воени бродови, за време на војна или доколку е загрозена.