Турција е одлучна да ги заштити своите интереси на Кипар и во источниот Медитеран, соопштија турските власти по состанокот на Националниот совет за безбедност, пренесува грчкиот весник „Катимерини“.

За време на состанокот, со кој претседаваше турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, турскиот Национален совет ја потврди намерата на Анкара да ги заштити турските права и интереси, како и правата на кипарските Турци во источниот Медитеран, а во согласност со одредбите за меѓународно право.

– Турција ги почитува своите права и обврски во согласност со меѓународното право и очекува исто такво однесување од своите сојузници, се наведува во соопштението по состанокот.

Атина ја обвинува Анкара дека ја поткопува безбедноста во регионот на источниот Медитеран и Ексклузивната економска зона околу Кипар со вадење нафта и гас во тој дел.

Атина и Никозија бараа да реагира и Европската унија по повод активностите на Анкара во источниот Медитеран, на што Брисел одговори дека ќе покрене санкции против Турција доколку турските власти не ги прекинат активностите во тој дел на морето.

Неодамна реагираше и Анкара, наведувајќи дека нивните активности се усогласени со турските интереси и меѓународното право.