Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека одлуката на Москва претставува кршење на воспоставените принципи на меѓународното право и дека не може да се прифати како таква.

Турција рано изутринава објави дека ја отфрла одлуката на Русија за анексија на четири украински региони, исто како што не ја призна анексијата на Крим во 2014 година, јавува Анадолија.

„Турција не ја призна руската анексија на Крим на нелегитимниот референдум во 2014 година и во секоја прилика покажа силна поддршка за територијалниот интегритет, независност и суверенитет на Украина. Во согласност со овој став усвоен во 2014 година, ја отфрламе одлуката на Русија за анексија на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје во Украина“, се вели во соопштението.

Министерството посочи дека Турција продолжува да поддржува „решение за оваа војна, која добива застрашувачки форми, засновано на мир, што може да се постигне преку преговори“.

Вчера рускиот претседател Владимир Путин потпиша припојување на споменатите региони кон Русија. Путин рече дека се одржале референдуми и луѓето направиле избор. Голем дел од меѓународната заедница оцени дека референдумите се незаконски и спроведени под присила.