Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изрази надеж дека цела Европа ќе се обедини во поддршката за демократските сили во Венецуела.

– За разика од Мадуро, парламенарното собрание вклучувајчќи го и Хуан Гуаидо, има демократски мандат што им го дале граѓаните на Венецуела, напиша Туск на Твитер.

Опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, претседател на Парламентот на Венецуела кој се прогласи синоќа за привремен претседател, го признаа САД,  Канада, Бразил, Аргентина, Колумбија, Парагвај, Чиле, Гватемала и Костарика.

Мексико и Боливија сепак, соопштија дека и понатаму го признаваат Николас Мадуро за претседател на таа јужноамериканска држава.

Во меѓувреме, претседателот на Венецуела Николас Мадуро  објави дека ги прекинува дипломатските односи со САД и на нивните дипломати им даде рок од 72 часа да ја напуштат државата. Тој нагласи дека САД прават „огромна грешка“ обидувајќи се да наметнат претседател на Венецуела и ги критикуваше другите држави дека го следел примерот на Вашингтон. Мадуро рече дека опозицијата се обидува да изврши државен удар и ја повика армијата да го сочува единството.

Армијата на Венецуела одби да го признае претседателот на Парламентот, Хуан Гуаидо за привремен претседател, соопшти министерот за одбрана Падрино Лопес.

– Војниците не го признаваат претседателот кој ни е наметнат под влијание на странски интереси и самопрокламирано, незаконски. Вооружените сили го бранат Уставот и го гарантираат националниот суверенитет, напиша Лопес на Твитер.